Dildar Baykan
13 Април 2017•Ажурирај: 14 Април 2017
АНКАРА (АА) - Околу две милијарди луѓе во светот пијат вода загадена со фекална материја, потврдено е од Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на СЗО за глобална анализа и процена на хигиената и пивката вода во светот, наведено е дека не е вложен доволно труд за остварување на Целите за одржлив развој, кои се усвоени во ОН во 2015 година.
„Денес, околу две милијарди луѓе во светот пијат вода загадена со фекални материи. Со тоа, доаѓаат лице в лице со болестите како што се колера, дизентерија, тифус и детска парализа“, изјави претседателката на Канцеларијата за здравје на луѓето при СЗО Марија Неира.
Таа нагласи дека загадената вода секоја година е причина за 500 илјади смртни случаи, а таквата вода е причина и за голем број болести како што се шистосомијаза и трахома.
Иако еден дел од земјите во последните три години го зголемија буџетот за вода и за хигиена за 4,9 отсто, Неира порача дека 80 отсто од земјите и понатаму се далеку од поставените цели.
Во списанието „Научни достигнувања“ (Science Advances), минатата година е објавено истражување врз основа на кое е утврдено дека околу четири милијарди лица во светот најмалку еднаш во месецот имаат проблем да пронајдат пивка вода. Половина од нив се жители на Кина и на Индија.
За да се спасат од големите жештини во летниот период, жителите на Индија наоѓаат засолниште во реките. Освен тоа, високите температури доведуваат до распаѓање на асфалтот, што значајно придонесува за загадување на подземните води.
Кинеското Министерство за извори на вода минатата година спроведе истражување со кое се опфатени 2.103 извори во оваа земја. Заклучено е дека 33 отсто од изворите се користат исклучиво за индустриски цели, а 47 отсто од изворите не се со пивка вода.