Alaattin Doğru
28 Септември 2019•Ажурирај: 29 Септември 2019
ДАКАР (АА) - Во Дакар, главниот град на Сенегал, вчера официјално беше отворена најголемата џамија во западниот дел на Африка, јавува Anadolu Agency (AA).
Џамијата „Масаликул Џинаан“ е отворена со петочната молитва џума-намаз, на која присуствуваа десетици илјади верници од сите краеви на светот, а многумина не можеле да влезат во џамијата и молитвата ја извршиле во дворот и соседните улици.
Џамијата официјално ја отворија актуелниот претседател на Сенегал, Маки Сал, и познатиот исламски научник шеик Мунтака Мбаке.
На отворањето на џамијата присуствуваа и голем број официјални претставници на Сенегал, како и претставници на дипломатскиот кор. На свеченоста присуствуваше и лидерот на главната опозициска партија во Сенегал и поранешен претседател, Абдулај Вад, кој, со посредување на шеикот Мбаке по седум години прв пат се ракуваше со претседателот Сал.
Претседателот Сал на Твитер напиша дека тоа било историски ден за Сенегал.
Изградбата на џамијата, на земјиште со површина од 6 хектари, кое државата го донираше, траеше околу седум години, а чинеше околу 30 милиони евра.
Џамијата, која е најголема во западниот дел на Африка, може да прими околу 30.000 верници, од кои 10.000 во џамијата, а 20.000 во дворот.
Според официјалните податоци, муслиманите сочинуваат околу 95 отсто од жителите на Сенегал, а христијаните околу 4 отсто.