Ekipa
08 Ноември 2022•Ажурирај: 15 Ноември 2022
АНКАРА (АА) – Терористот Брентон Тарант, кој уби 51 лице во терористичкиот напад во џамијата во Крајстчерч, Нов Зеланд, во 2019 година, поднесе жалба против неговата доживотна казна затвор пред Судот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Судот потврди дека жалбата е поднесена на 3 ноември и изјави дека не е одреден датум за нејзино разгледување, објави Радио Нов Зеланд.
Австралијанецот Брентон Тарант, приврзаник на белиот супремацизам, уби 51 лице и рани уште 40 во џамијата „Ал Нур“ и исламскиот центар „Линвуд“ на 15 март 2019 година.
Тој беше осуден на доживотен затвор во 2020 година без можност за условно пуштање, првата ваква пресуда донесена дотогаш во островската држава.
Реагирајќи на последниот потег на Тарант, претседателот на Федерацијата на исламски здруженија на Нов Зеланд, Абдур Резак, го нарече чин за повторно трауматизирање на преживеаните и на нацијата.
„Ова е дел од шаблонот што го користат промоторите на омразата, овие десничарски терористи, не само да стекнат озлогласеност за себе, туку всушност, и за повторно трауматизирање не само на преживеаните, туку и нацијата како целина“, изјави Резак.
„Знаете, тие имаат агенда, а агендата е да ја направат омразата нормална“, додаде тој.
Премиерката Џасинда Ардерн, одговарајќи на прашање на новинарите, рече дека нема да му се даде ништо.
„Тоа е затоа што неговата е приказна што не треба да се раскажува, неговото е име што не треба да се повторува, и јас ќе го применам истото правило во коментирањето на неговите обиди за ревиктимизирање на луѓето. Не треба да му дадеме ништо“, рече Ардерн.
Министерката за правда Кири Алан рече дека таа е фокусирана на жртвите погодени од неговите постапки, а не на терористите.
„Размислувам за жртвите, преживеаните на злосторството на терорист, некој што се изјасни како виновен за тероризам, и немам уште што да додадам, да бидам сосема искрена“, изјави Алан.