Ali Semerci
11 Февруари 2020•Ажурирај: 11 Февруари 2020
АДЕН
Организацијата за човекови права и слободи (SAM) соопшти дека Хусите во јеменскиот град Таиз во притвор држат 500 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот што го објави Организацијата за човекови права и слободи се наведува дека на тројца независни набљудувачи им е дозволено да влезат во центарот за притвор на Хусите во градот Ес-Салих, сместен во јеменската област Таиз.
Во извештајот се вели дека во споменатото место се притворени 500 лица, кои од страна на милитантите Хуси се оставени да гладуваат, постои недостиг на санитарна хигиена, на притворените не им се дозволува да излезат на дневна светлина и се изложени на серија физички и психолошки измачувања.
„Во областа Таиз откриени се повеќе од 51 затвор и центар за притвор, од кои 29 им припаѓаат на Хусите, 9 на власта, 9 на проарапските сили приврзани на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) на западниот брег на Јемен и 4 на радикалните групи“, се вели во извештајот на Организацијата за човекови права и слободи.
- „Центри на притвор во кои се живее во страв“
Во извештајот се истакнува дека конфликтните страни во Јемен изградиле тајни и нелегални затворски центри или центри за притвор и дека оваа ситуација „достигнала загрижувачко ниво“.
Центрите за притвор, опишани како „Центри за притвор во кои се живее во страв“, се споредуваат со затворот „Тедмур“ на режимот на Башар Асад во Сирија и затворот „Бастилја“ во Франција.
- Хусите не дадоа никакво образложение на оваа тема
Јемен е упориште на судири и насилство од 2014 година, кога проиранското бунтовничко движење Хуси ја презеде контролата во поголемиот дел од земјата, вклучувајќи го главниот град Сана.
Конфликтот ескалира една година подоцна кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници почнаа да изведуваат воздушни напади против Хусите во Јемен, поддржувајќи ја просаудиската власт.
Во извештајот на меѓународните институции се наведува дека повеќе од 70.000 лица загинаа во последните шест години од граѓанската војна во Јемен. Во Јемен 14 милиони лица се соочуваат со екстремен глад, а на секои 8 од 10 Јеменци им е потребна хуманитарна помош.