Sinan Uslu
27 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
АНКАРА (AA) - Турските вооружени сили од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ во сирискиот пограничен регион Африн неутрализираа вкупно 2.083 терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Генералштабот на турската војска е соопштено дека продолжува копнената и воздушната операција против терористичките организации ПКК/КЏК/ПЈД-ЈПГ и ДЕАШ, како и дека досега се неутрализирани повеќе стотици терористички позиции.
Од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ од терористите се ослободени најмалку 115 стратешки точки.
Во текот на вчерашниот ден од терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ се ослободени три села во областа Шеик Хадид кој се наоѓа југозападно од центарот на Африн на сириско-турската граница. Со тоа, терористите на ЈПГ/ПКК-ДЕАШ се оддалечени од турско-сириската граница по должината на линијата на разграничување во тој регион.
Северозападниот сириски регион Африн се граничи со турските области Хатај и Килис. Тој дел од границата, во облик на полумесечина, од вчера во потполност е под контрола на турските сили и Ослободителната војска на Сирија.
Операцијата во Африн е започната на 20 јануари и се спроведува во согласност со турското право засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации, особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
Терористите на ПЈД/ПКК под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8.000 и 10.000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. ПКК уште од средината на 1980-тите години води терористичка кампања против Турција.