Ekipa
29 Мај 2016•Ажурирај: 30 Мај 2016
ПОЦАЛО (АА) - Надлежни претставници на Обединетите нации соопштија дека се стравува дека над 700 имигранти загинале во три потонати бродови во Средоземното Море во текот на изминатите неколку дена, кои се случија при обидот на мигрантите со несоодветни пловила на криумчарите да стигнат до тлото на Европа, јавува Anadolu Agency (AA)
Портпаролката на УНХЦР, Карлота Сами, изјави дека се претпоставува дека се исчезнати околу 100 мигранти откако во средата во Средоземното Море се преврте криумчарски брод. Италијанската морнарица го сними застрашувачкиот бродолом, а потоа се најде на помош на мигрантите кои скокнаа од бродот пред неговото потонување.
Сами додаде дека во четвртокот наутро се случи уште една покатастрофална несреќа кога се преврте втор криумчарски брод од кои исчезнаа околу 550 мигранти и бегалци. Бродот ден претходно испловил од либиското пристаниште Сабрата.
Очевидци тврдат дека бродот, кој превезувал околу 670 луѓе, немал мотор, туку дека до моментот на превртување бродот бил влечен од друг криумчарски брод. По превртувањето, 25 лица успеале да допливаат до првиот брод, а спасувачките тимови спасија уште 79 лица. Досега од морето извадени се 15 безживотни тела.
Италијанската полиција уапси 28-годишниот Суданец, кој беше меѓу преживеаните, кого другите преживеани го идентификуваа како капетан на потонатиот брод.
Третиот бродолом во Средоземното Море се случи во петокот, а портпаролката на УНХЦР Сами рече дека притоа исчезнале голем број на мигранти.
„Спасени се 135 луѓе, а од морето се извлечени безживотните телата на 45 удавени лица. Преживеаните велат дека голем број мигранти исчезнале од потонатиот брод”, рече Сами.
Спасените мигранти се префрлени во италијанските пристаништа Таранто и Поцало, каде што екипите на УНХЦР и полицијата се обидуваат да дознаат нешто повеќе за потонатите бродови во кои загинаа голем број мигранти, но различни извори и понатаму даваат различни бројки.
Спасувачките екипи минатата недела во Средоземното Море спасија над 4.000 мигранти кои со доаѓањето на потоплите временски услови повторно го интензивираа движењето по рутите низ Медитеранот кон Европа.