Fatjon Cuka,Malik Hasa
29 Мај 2016•Ажурирај: 30 Мај 2016
ТИРАНА (АА) - Денеска во Тирана во организација на Собранието на Албанија започна вториот ден од пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО со учество на делегациите на земјите-членки на Алијансата, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката за одбрана на Албанија, Мими Кодели на панелот на Комисијата за одбрана и безбедност на Парламентарното собрание на НАТО, одржа говор фокусиран на проблемите, како што се борбата против тероризмот, феноменот на странски борци, бегалската криза, поддршкате за Косово итн.
Koдели на почетокот од својот говор истакна дека НАТО е заедница на вредности кои се придржуваат на демократијата, индивидуалната слобода, човекови права и владеењето на правото.
Според неа, сеопфатноста е една обврска која изискува конструктивен пристап со сите земји во регионот.
„Ние веруваме дека е дојдено времето НАТО да отвори нова страница на дијалогот и партнерство со Косово”, рече таа.
Таа истакна дека феноменот на странски борци кои пристапуваат во редовите на ДАЕШ е закана за целиот свет.
„ДАЕШ и другите терористички групи, кои се хранат со феноменот на странски борци од целиот свет, се вистинска закана не само за Блискиот Исток и Северна Африка, но исто така и за нашите општества. Трагичните настани во Анкара, Париз, Брисел и другите места, претставуваат јасна порака која е нивната цел. Покрај тоа, неуспехот и распаѓањето на државите, во комбинација со насилството на Блискиот Исток и Северна Африка, предизвикаа масовен бран на бегалци во нашите домови или во нашите соседни земји”.
Таа исто така изјави дека во денешно време миграцијата и тероризмот се на чело на меѓудржавните предизвици кои бараат меѓудржавно решение.
„Справувањето со овие мултидимензионални предизвици не е лесна задача, но сметам дека не постои средно решение. Неуспехот на управување со споменатите предизвици подразбира поделба на единството на целиот европски континент и за жал, има многу од нив кои чекаат да се случи тоа. Покрај овие нови конфликти, ние не треба да ги заборавиме регионите кои лесно може да бидат погодени од меѓународната криза, поради нивната нестабилност и слабост. Западен Балкан е еден од нив, релативно далеку од Русија и Блискиот Исток, но воглавно под влијание на парите и идеологијата на Москва и фундаментализамот”, додаде Koдели.
Таа истакна дека патот кон членството во ЕУ е покомплициран за Западниот Балкан, а тоа важи и за Албанија, додавајќи дека Албанија силно ја поддржува Црна Гора на патот кон НАТО. Таа, исто така, кажа дека Албанија ќе го поддржи зголеменото присуство на НАТО во Источна Европа.
„Ние сме во процес на разгледување и утврдување на правните празнини за поддршка на напорите на коалицијата против ДАЕШ на теренот и го надгледуваме одблизу вклучувањето во поморската операција на НАТО во Егејското Море, како помош за бегалската криза. И понатаму останува многу важно да се истакне помошта на Албанија во проектирањето на стабилноста надвор од границите на НАТО. Моментално, нашиот тим ги советува и им помага на неколку земји-партнери, како што се Грузија, Украина, итн, во градењето на своите одбранбени способности и издржливост”, додаде министерката за одбрана на Албанија на почетокот на вториот ден од пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО, коешто се одржува во Тирана.