Beyza Binnur Dönmez
11 Ноември 2025•Ажурирај: 12 Ноември 2025
ЖЕНЕВА (АА) – Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (ОН Жени) денес упатија итен повик за заштита и приоритизација на жените и девојчињата во Судан, каде што продолжениот конфликт и растечката криза со глад доведоа во опасност милиони животи.
„Повеќе од две години секоја фронтална линија во Судан поминува низ телата, домовите, егзистенцијата и иднината на жените и девојчињата“, изјави во Женева регионалната директорка на ОН Жени за Источна и Јужна Африка, Ана Мутавати.
Според најновото предупредување на ОН Жени за родовите димензии на прехранбената несигурност во Судан, речиси 11 милиони жени и девојчиња се соочуваат со акутна прехранбена несигурност.
„Тоа што некој е жена во Судан е силен предиктор за глад“, нагласи Мутавати.
Како што се интензивираат борбите во Ел-Фашер, прехранбената несигурност се шири низ Дарфур, а жените и девојчињата се соочуваат со екстремен глад, раселување, смрт, како и со сексуално и родово базирано насилство, додаде таа.
Ситуацијата дополнително се влоши откако гладот официјално беше прогласен од страна на Класификацијата на фазите на прехранбена безбедност (IPC) во градовите Ел-Фашер и Кадугли во ноември.
Наодите на ОН Жени покажуваат дека кај 73,7% од жените не се исполнува минималното ниво на разновидна исхрана, што укажува на крајно сиромашна храна и зголемен ризик од неисхранетост.
Мутавати потенцираше дека е итно потребно во хуманитарните одговори да се вклучат специфичните потреби на жените и девојчињата бидејќи тие се меѓу најтешко погодените од ескалацијата на кризата во Судан.
Таа повика на итен прекин на насилството, воспоставување безбедни коридори за жените, девојчињата и цивилите, како и приоритетен пристап на жените и домаќинствата водени од жени до храна и средства за егзистенција.
„Сите страни во конфликтот мора да ги заштитат жените и девојчињата и да ги почитуваат своите обврски според меѓународното хуманитарно и човеково право“, рече Мутавати, додавајќи дека донаторите треба да ги препознаат, поддржат и да соработуваат со организациите водени од жени.
Судан се соочува со сè потешка хуманитарна криза поради крвавата војна меѓу армијата и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), која започна во април 2023 година и досега умреа десетици илјади лица и предизвика раселување на милиони луѓе.
На 26 октомври РСФ ја презедоа контролата врз градот Ел-Фашер при што, според локални и меѓународни организации, беа извршени масакри, со предупредувања дека нападот може дополнително да ја продлабочи територијалната поделба на земјата.