Adem Demir,Hikmet Faruk Başer,Mustafa Hatipoğlu
22 Јули 2016•Ажурирај: 24 Јули 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Фотографијата на жени во кабина на камион ги одбележа деновите по обидот за пуч во Турција на 15 и 16 јули, деновите кога војниците лојални на терористичката организација ФЕТО/ПДЈ се обидоа да ја соборат демократски избраната Влада во Турција, а фотографијата емотивно ги трогна луѓето во таа земја, но и во светот, како и бројните официјални лица меѓу кои и турскиот премиер Бинали Јилдирим, јавува Anadolu Agency (AA).
Шерифе Боз (50) и Сема Тутар (61), кои беа зад воланот на камионот, за АА зборуваа за случувањата во ноќта помеѓу 15 и 16 јули, како и за тоа што ги поттикнало да седнат во камионот и да тргнат кон истанбулскиот плоштад „Таксим“.
Тие непосредно по обидот за државен удар излегле на улица, и тоа во камион, а нивните фотографии во кабината од камионот на „Таксим“ во Истанбул, станаа еден од симболите за отпорот на турскиот народ во борбата против пучистите. Покрај двете жени во кабината на камионот, во багажниот простор и на покривот на кабината се наоѓале голем број луѓе од сите возрасти. Фотографијата стана симбол на единството на турското општество во борбата за зачувување на демократскиот поредок и институциите.
Боз изјави дека е многу тешко да се опишат чувствата што ја обземале таа ноќ.
„Додека гледавме вести, сфативме дека нешто се случува. На повикот на претседателот Реџеп Таип Ердоган, излеговме на улиците. Се борев со душа и со тело за иднината на моите деца, народот и за татковината. Останав до шест часот изутрина на местото каде што беа тенковите. Следниот ден вечерта зедов камион и отидов за „Таксим”, изјави Боз и додаде дека првиот ден биле на мостот.
Следниот ден ги собрала децата, внуците и соседите и тргнала на пат со камионот.
„Јас возев. Немам возачка дозвола Е-категорија, но знам да возам камион. Мојот маж и децата се занимаваат со градежништво, па од таму потекнува и моето интересирање за камиони. Но секако, не отидов на градилиште, буквално отидов во војна. Отидов предводена од чувствата. Од викање ме заболе грлото. Додека се движевме по улицата, ги собиравме луѓето во камионот. Кога стигнавме до целта се молевме на Господ, не знаевме дека тоа толку ќе привлече внимание”, се присети Боз, која истакна дека е многу среќна што обидот за државен удар завршил неуспешно.
Боз е горда на своите четири деца и на внуците кои тргнале со неа.
„Дојдовме лице в лице со војниците. Младите беа на тенковите. Се фотографираа. Не ми беше ни малку страв“, изјави Боз, која истакна дека не ја спречиле предупредувањата на нејзината ќерка, ниту на кој било, туку тргнала по повикот на претседателот Ердоган.
Таа изрази и желба да се запознае со премиерот на Турција, Бинали Јилдирим.
„Кога ќе нѐ повикаат претседателот и премиерот, со камионот ќе отидам каде и да посакаат. Сопругот ми велеше дека нема да ми дозволи да одам со камионот на „Таксим“, но јас со божја волја успеав“, изјави Боз. „Десна рака“, придружник и совозач беше Сема Тутар (61), која многу емотивно реагирала кога ги видела тенковите.
„Кога сосетката ми рече дека одат да покажат став пред обидот за пуч, се придружив. Ме обземаа чувствата. По патот плачевме. Мило ми е што се спасивме“, изјави Тутар, која додаде дека тргнала за иднината на своите деца, државата и за татковината. Таа зборуваше за загинатите и за ранетите во обидот за пуч.
„На државата ѝ е нанесена голема штета. Не сакаме удар. Во оваа земја нема дискриминација на откриените и покриените. Нема верска дискриминација. Не е важно дали некој е откриен или покриен. Ова не е работа на партијата. Ние таму отидовме за нашата земја, народот и за татковината. Среќна сум и не се каам воопшто, бидејќи ова беше прашање на живот или смрт. Жал ни е за загинатите, не сакам вакво нешто повторно да се случи, никогаш“, порача Тутар.