Betül Yürük
12 Март 2022•Ажурирај: 13 Март 2022
ЊУЈОРК (АА) - Од Обединетите нации (ОН) информираат дека не се запознаени со постоењето на каква било програма за биолошко оружје во Украина, известува Агенција Анадолија (АА).
Советот за безбедност на ОН се состана на барање на Русија за да разговараат за наводната програма за биолошко оружје во Украина.
„Свесна сум за вестите во медиумите за наводите за програмите на биолошко оружје. Обединетите нации не се информирани за постоење на каква било програма за биолошко оружје“, рече во својот брифинг пред Советот, високата претставничка на ОН за разоружување Изуми Накамицу.
Потсетувајќи дека Конвенцијата за биолошко оружје од 1972 година забранува развој, производство, снабдување, транспорт, складирање и користење на биолошко и отровно оружје, Накамицу изјави дека и Русија и Украина се потписнички на Конвенцијата.
Василиј Небензја, постојаниот амбасадор на Русија во ОН, тврди дека во Украина постојат најмалку 30 биолошки лаборатории во кои се спроведуваат многу опасни биолошки експерименти за јакнење на патогениот квалитет на смртоносните болести како куга, колера и антракс, со поддршка на Министерството за одбрана на САД.
Небензја рече дека цел била проучување во биолошките лаборатории на можноста за ширење на опасните инфекции преку лилјаци, птици преселници и инсекти.
Постојаната претставничка на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд, од друга страна ја обвини Русија за ширење дезинформации.
„Украина нема програма за биолошко оружје, ниту лабораторија за биолошко оружје спонзорирана од САД. Ниту на границата со Русија, ниту на кое било друго место“, рече Томас-Гринфилд.
Таа порача дека Русија всушност има долгогодишна програма за биолошко оружје и дека со тоа го прекршила меѓународното право.
Амбасадорот на Франција во ОН, Николас де Ривиер, порача дека Русија со своите лаги не може никого да измами и порача дека сето тоа е дел од стратегијата за дезинформации и димна завеса што Русија ја претвори во вистинско воено оружје.
Се огласи и британската амбасадорка, Барбара Вудвард, која порача дека на Русија не би требало да ѝ се допушти да го користи своето членство во Советот за безбедност на ОН за ширење дезинформации.
Амбасадорот на Кина, Џанг Џун, ја поддржа Русија и рече дека би требала да се земе предвид загриженоста на Русија во однос на биолошкото оружје.