Ekipa
24 Јули 2021•Ажурирај: 25 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Обединетите нации (ОН) изразија длабока загриженост поради ескалацијата на насилството во северозападна Сирија, што претставува сè поголем ризик за цивилите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фархан Хак, заменик-портпарол на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, истакна дека тековните борби во изминатите недели предизвикале смрт и ранување на десетици цивили, меѓу кои има и деца и жени.
„Најновите извештаи укажуваат дека во гранатирањето на селото Беијлун, во јужниот рурален дел на Идлиб во четвртокот, животот го загубија седум цивили, меѓу кои три деца. Други седум цивили се ранети, меѓу кои и едно девојче“, рече Хак.
„Таквите напади предизвикуваат загриженост во поглед на почитувањето на меѓународното хуманитарно право, кое бара од страните да ги преземат сите можни мерки на претпазливост за да се избегнат и намалат цивилните жртви“, додаде тој.
Како што дознава дописникот на АА, во нападите на силите на сирискиот режим и сојузничките терористички групи врз станбените подрачја во северозападната покраина Идлиб во неделата загинале 13 лица.