Ahmet Gençtürk
24 Јули 2021•Ажурирај: 27 Јули 2021
ОВИЕДО (АА) - Парламентот на шпанската африканска енклава Сеута го прогласи Сантијаго Абаскал, лидерот на крајно десничарската партија Вокс, за персона нон грата, поради предизвикување омраза против локалното муслиманско население, јавува Агенција Анадолија (АА).
Овој потег уследи по посетата на Абаскал на шпанската територија во мај. Тој пристигна во ситуација кога илјадници луѓе се слеваа кон Сеута од Мароко, во услови на дипломатските препирки помеѓу двете земји.
Во текот на посетата, тој инсинуираше дека муслиманското население во Сеута е во дослух со Мароко за да ја нападне Сеута.
„Абаскал дојде во тешки моменти да додаде масло на огнот. Тој го навреди поголемиот дел од градот, и не само муслиманите. Беше навредливо за секој што верува во плуралноста на нашето разнолико општество“, рече пратеничката Фатима Хамед, која го изнесе историското барање.
Барањето помина откако десет политичари од различни партии гласаа „за“, девет политичари од конзервативната Народна партија беа воздржани, а партијата Вокс даде четири гласови против барањето.
„Вокс се потпира врз политиката на малтретирање на муслиманите во Сеута. Никој не треба да ја потценува крајната десница затоа што таа се вклопува во институциите, уништувајќи го мирниот соживот и понижувајќи ја демократијата“, рече Мануел Хернандез од Социјалистичката партија во текот на расправата.
Во меѓувреме, Абаскал на Твитер наведе „ниту освојувачите, ниту нивните соучесници нема да нè исплашат“.
За време на расправата во Квета, локалните политичари на партијата Вокс ја нарекоа Хамед расист и „волк во овча кожа“.
„Секој ден се обидувате да нè испровоцирате, особено муслиманите кои овде го претставуваат целокупното население на Сеута“, возврати таа.