Ekipa
24 Јули 2021•Ажурирај: 27 Јули 2021
БАГДАД (АА) - Ирачките шиитски милиции повикаа на заминување на странските војници што работат како советници и обучувачи, од земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Координативниот одбор на ирачкиот отпор, чадор-група составена од шиитските фракции поддржани од Иран, ги отфрли повиците на ирачкиот министер за надворешни работи, Фуад Хусеин, во петокот за помош од САД на ирачките војници во полето на разузнавањето, воздухопловната поддршка и обуката.
„Не ни требаат повеќе борци затоа што ги имаме“, изјави Хусеин за „Волстрит журнал“ пред клучната средба помеѓу американскиот претседател Џо Бајден и ирачкиот премиер Мустафа ал Кадими. „Што ни треба? Потребна ни е соработка на полето на разузнавањето. Ни треба помош за обука. Потребни ни се трупи да ни помогнат во воздухот.“
Одборот истакна дека нема да дозволи присуство на странски војник во Ирак под ниеден „изговор“ како што се „обучувачи и советници или [за обезбедување] воздухопловна поддршка“, критикувајќи ги американските и силите на меѓународната коалиција поради целосниот неуспех во Ирак.
Во последните месеци, воените бази во кои се сместени американските сили во Ирак беа цел на ракетни напади за кои Вашингтон ги обвинува вооружените фракции лојални на Иран.
Во моментов во земјата има околу 3.000 војници, од кои 2.500 американски, дел од коалицијата против ДЕАШ.
Ирачките политички сили повикаа на повлекување на американските трупи од земјата врз база на одлуката на Парламентот од 5 јануари 2020 година.