Ekipa
24 Јули 2021•Ажурирај: 26 Јули 2021
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Бројот на загинати во поплавите и лизгањето на земјиштето во западната индиска држава Махараштра достигна 136, јавува Агенција Анадолија (АА).
„До вчеравечер, 136 лица починаа како резултат на несреќи поради обилните врнежи од дожд“, изјави денес за АА министерот за помош и обнова на индиската држава, Виџај Вадетивар.
Тој истакна дека ситуацијата е под контрола и дека се прават сите напори да се обезбеди помош на луѓето.
Од вкупно 136 смртни случаи, 44 лица загинаа во подрачјето на Раигад, каде што се случија повеќе свлечишта.
„Пронајдовме 44 тела, околу 50 лица сè уште се заробени“, изјави за АА Нидхи Чоудари, претставничка на цивилниот сектор во Раигад. Таа рече дека во подрачјето продолжуваат операциите за спасување.
Махараштра и другите индиски држави во моментов се во сезона на монсунски дождови кои предизвикаа ситуации слични на поплави во многу области и оставија илјадници луѓе заглавени.
Индиските вооружени сили се исто така вклучени во операциите за спасување.
Според Националните сили за одговор при катастрофи (НДРФ), тие во моментот распоредуваат 26 тимови низ Махараштра поради временските прогнози за повеќе врнежи од дожд во државата.
Индиските воздухопловни сили утрово соопштија дека ги распоредиле своите транспортни авиони, освен хеликоптерите, за префрлање на персоналот и опремата на Националните сили за одговор при катастрофи во Пуне и Ратнагири во Махараштра и во близина на Гоа, како дел од операциите за помош при поплави.
Минатата недела најмалку 29 лица загинаа поради лизгањето на земјиштето предизвикано од обилните монсунски дождови во Мумбаи.