Muhammet İkbal Arslan
23 Јули 2021•Ажурирај: 24 Јули 2021
ГАЗИМАГУСА (АА) - Во подрачјето на Мараш во Турската Република Северен Кипар, по 47 години за првпат се клањаше петочната молитва (џума намаз), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Првата петочна молитва се одржа во месџидот „Билал Ага“, кој е затворен од мировната операција на Кипар во 1974 година. Месџидот беше отворен на 20 јули по реставрацијата со присуство на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
На петочната молитва присуствуваа претседателот на Турската Република Северен Кипар, Ерсин Татар, амбасадорот на Турција во Лефкоша, Али Мурат Башчери, градоначалникот на Газимагуса, Исмаил Артер, воен персонал и граѓани.
Петочната молитва ја водеше Ердоган Екен, советникот за верски работи при Амбасадата на Турција во Лефкоша.
Во изјава за медиумите, претседателот Татар потсети дека истовремено го одбележуваат Денот на мирот и слободата и Курбан бајрам, заедно со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и неговата делегација.
Потсетувајќи дека Бајрам намазот го клањале во Џамијата „Хала Султан“ во Лефкоша, Татар истакна дека се дадени многу важни пораки до целиот свет за иднината на кипарските Турци и нивната борба за егзистенција во оваа земја.
„Денеска, на четвртиот ден од Курбан бајрам, со отворањето на подрачјето на Мараш, ја извршивме петочната молитва во месџидот „Билал Ага“. Тоа ми даде поинаков мир и убавина. Месџидот пред многу години го користеше Фондацијата „Билал Ага“ и нашите предци. Сега за првпат по многу години, ја клањавме петочната молитва, овде, на овој значаен ден. Го доживувам мирот и убавината од заедничкото клањање на џума намазот на четвртиот ден од Курбан бајрам. Сакам да им се заблагодарам на оние кои придонесоа за возобновување на оваа џамија.“
Познато е дека месџидот „Билал Ага“ има историја долга 200 години.