Bayram Altuğ
12 Октомври 2021•Ажурирај: 14 Октомври 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Марта Хуртадо, портпаролката на Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОН), во врска со кршењето на човековите права од Грција, како што е истуркување на бегалците кон Турција во последниот период, рече дека добиваат цврсти докази дека бегалците биле истуркувани од Грција кон Турција“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролката Хуртадо, на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата на ОН во Женева, рече дека се крајно загрижени за состојбата на мигрантите и бегалците во Либија.
Поканувајќи ги либиските власти да ги ослободат „произволно приведените“ бегалци и мигранти, Хуртадо нагласи: „(Во Либија) во последните денови е забележително зголемување на тешките безбедносни операции и рации насочени кон мигрантите и бегалците. Ова предизвика смрт и сериозни повреди.“
Хуртадо ги повика либиските власти на итна, темелна, независна и непристрасна истрага за наводите.
На прашањето на дописникот на АА зошто Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права не даде изјава во врска со притисокот врз бегалците, особено во Грција, на границите на Европската Унија (ЕУ), Хуртадо рече: „И ние добиваме цврсти докази дека бегалците биле истуркувани од Грција (кон Турција).“
„Вакво нешто не треба да се случува. Секој човек, секој мигрант кој се обидува да ги премине меѓународните граници има право да биде оценет поединечно. Во моментов сме во преговори со ЕУ за ова прашање. Активни сме по ова прашање“, додаде таа.
Истакнувајќи дека во последните неколку месеци се обидуваат да ги потврдат доказите дека Грција ги враќа назад бегалците, Хуртадо рече дека исто така го следат она што ЕУ треба да го направи за да ги запре враќањата назад од нејзините граници.
Инаку, Адалберт Јанц, еден од портпаролите на Комисијата на ЕУ, на 7 октомври рече дека извештаите за насилните туркања назад од границите на ЕУ се „многу загрижувачки“.
Нагласувајќи дека туркањето назад е незаконско и дека националните власти имаат обврска да ги истражат обвинувањата, Јанц рече: „Комисијата продолжува да има сериозна загриженост врз основа на доказите и извештаите доставени од Европскиот парламент и Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации.“
Еврокомесарот за внатрешни работи, Илва Јохансон, исто така, во изјавата дадена на 8 октомври ја повика Грција да ги испита извештаите за истуркувањето на бегалците, што не е во согласност со законите.
Грција неодамна дојде на дневен ред поради кршењето на човековите права, како што е истуркување кон Турција на бродовите со бегалци, нелегалното задржување на бегалците и насилството врз мигрантите во Егејското Море.
Многу меѓународни медиуми објавија голем број информации дека и Европската агенција за гранична и крајбрежна безбедност (Frontex) исто така одиграла улога во прекршувањата.