Kasım İleri
12 Октомври 2021•Ажурирај: 14 Октомври 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) испратија 15 воени авиони „Ф-15“ во Грција со образложение дека ќе учествуваат во воени вежби, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Воздухопловните сили на САД се истакнува дека авионите „Ф-15“ стационирани во воздухопловната база „Сејмур Џонсон“ во Северна Каролина, се испратени во воздухопловната база „Лариса“, во Грција, каде што ќе учествуваат во вежбата „Касл Форџ“, што ќе се одржи под раководството на Командата на Воздухопловните сили на САД во Европа и Африка.
Во соопштението се нагласува дека вежбата „Касл Форџ“ е дизајнирана за американската стратегија за колективна одбрана во регионот на Црното Море, за да се зголеми оперативноста со сојузниците од НАТО и за да ја подобри способноста на заедничките сили флексибилно да реагираат во време на криза.
„Компонентите на ‘Касл Форџ‘ ќе осигурат воздухопловните сили секогаш да одговорат кога ќе бидат изложени на ризик од потенцијални закани“, се вели во соопштението и се додава дека покрај обуките со 15-те авиони „Ф-15“, ќе бидат вклучени и голем број воени обуки на Европската команда.
Се наведува дека авионите „Ф-15“ прво застанале во Велика Британија, а потоа пристигнале во Грција. Исто така се додава дека покрај САД, во вежбата ќе учествуваат Романија, Бугарија, Грција и Канада.
Во соопштението на грчката Армија се наведува дека овие авиони не се во земјата само за вежбата.
Грчкиот Генералштаб наведе дека американските авиони „Ф-15“ ќе имаат вежби со грчката Армија за „напредна одбранбена и агресивна авијациска тактика, воздушна поддршка со заеднички терминален контролор на напади (JTAC), воздушна борба, заштита, напад на цели на копно и на море и за поддршка на морнарицата“.