Ömer Tuğrul Çam
12 Октомври 2021•Ажурирај: 13 Октомври 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) на денешниот состанок на лидерите на земјите членки од Г20, на кој ќе се разговара за Авганистан, ќе го презентира пакетот за поддршка во вредност од 1 милијарда евра со цел задоволување на хуманитарните потреби на авганистанскиот народ, поддржување на соседите на Авганистан и зголемување на безбедноста, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го соопшти ова преку објава на социјалните мрежи пред Вонредниот состанок на лидерите на Г20, што ќе се одржи преку видеоконференција на иницијатива на претседавачот на Г20, Италија.
„Треба да направиме сè што можеме со цел спречување на големото хуманитарно и социоекономско рушење во Авганистан“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека треба брзо да се преземат мерки во оваа насока.
„Денес на состанокот на Г20 ќе го презентирам пакетот за поддршка на Авганистан. Нашите услови, вклучувајќи ги и човековите права, се отворени во врска со воспоставување какви било врски со авганистанските власти. Но, Авганистанците не треба да ја платат цената за активностите на талибанците. Пакетот за поддршка е за авганистанскиот народ, како и за соседните земји кои нудат помош“, истакна таа.