Bayram Altuğ
24 Ноември 2020•Ажурирај: 25 Ноември 2020
ЖЕНЕВА
Специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН за Авганистан, Дебора Лајонс, изјави дека во Доха, главниот град на Катар, продолжуваат преговорите меѓу талибанците и авганистанската делегација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лајонс во обраќањето на „Меѓународната конференција за Авганистан 2020“, во седиштето на ОН во Женева, што ја организираа ОН, Авганистан и Финска, порача дека е многу важно да продолжат преговорите на двете завојувани страни.
„Додека ние тука разговараме, во Доха исто така продолжуваат преговорите меѓу делегацијата на Авганистан и талибанците“, изјави Лајонс, додавајќи дека е пресреќна поради одлучноста на преговарачките тимови да ги продолжат разговорите.
Таа истакна дека Авганистан во текот на последните години постигнал значаен напредок во смисла почитување на меѓународните норми.
„Авганистан мора да оди напред, а не назад. ОН и нашите меѓународни партнери ќе бидат со авганистанскиот народ и нивната земја, која се соочува со голем број предизвици“, изјави Лајонс.
Таа предупреди дека насилството во таа земја сè уште е на многу високо ниво, и дека милиони Авганистанци живеат надвор од земјата, а илјадници и понатаму се интерно раселени.
Министерот за надворешни работи на Финска, Пека Хависто, чија земја е еден од организаторите на конференцијата, изјави дека неговата земја сака да пружи траен придонес во изградбата на мирот во Авганистан.
„Тука сме да го прославиме напредокот што Авганистан го постигна во изминатите 19 години. Овие економски, политички, социјални и развојни постигнувања треба да се сочуваат и додатно да се надоградат“, изјави Хависто.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, присуствуваше на конференцијата преку видеоконференција, апелирајќи до меѓународната заедница да ги преземе потребните чекори кон пружање поддршка за развојот на Авганистан по завршувањето на судирите.
Мисијата за помош на Авганистан при ОН (UNAMA) соопшти дека целта на дводневниот настан во Женева, што започна вчера и што се совпаѓа со мировните преговори меѓу Владата на Авганистан и талибанските челници во Катар, е утврдување на заедничките развојни цели и обврски во наредните четири години.
На конференцијата, чии организатори се Авганистан, Финска и ОН, учествуваат повеќе од 70 земји, меѓународни организации и агенции, како и претставници на граѓанското општество. Претходните состаноци се одржани во 2016 година во Брисел и во 2012 година во Токио.
Авганистан е средиште на длабока повеќедецениска политичка и безбедносна криза, која се рефлектира во борбата за превласт меѓу талибанското движење и владините сили. Постојана закана за безбедноста претставува и терористичката организација ДЕАШ, која по поразите во Ирак и Сирија значително ги интензивира своите активности на авганистанско тло.
Нападите во Авганистан не престануваат ни по почетокот на мировните преговори, што делегациите на талибанските бунтовници и авганистанската Влада ги започнаа кон средината на септември во Доха. Главна цел на преговорите на двете страни е завршување на речиси дведецениските вооружени судири во таа земја.