Elvir Hociç
08 Мај 2017•Ажурирај: 09 Мај 2017
ПАРИЗ (АА) - Претседателот во заминување на Франција, Франсоа Оланд, и неговиот новоизбран наследик во Елисејската палата, Емануел Макрон, денес во Париз заедно го предводеа одбележувањето на 72. годишнина од завршувањето на Втората светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Тоа беше прво појавување на Макрон во јавноста со Оланд, откако во август минатата година поднесе оставка на функцијата министер за економија и тргна во изборната трка.
Оланд и Макрон заедно им оддадоа почест на жртвите од Втората светска војна пред споменикот Триумфална порта и положија цвеќе пред Споменикот на непознатиот војник.
Макрон, според првичните резултати од вчерашниот втор круг на претседателските избори, уверливо победи пред лидерката на француската радикална десница, Марин Ле Пен, и најдоцна до 14 мај би требало да ја преземе функцијата шеф на државата од Оланд, кој Елисејската палата ја напушта како еден од најнепопуларните француски претседатели и нејзините клучеви ги предава на досега најмладиот претседател во историјата на таа земја.