Faruk Zorlu
06 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Постојните односи меѓу Венецуела и Турција го достигнаа својот врв по неуспешниот обид за воен удар во Турција во 2016 година од страна на терористичката организација ФЕТО, изјави министерот за надворешни работи на Венецуела, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Венецуела секогаш имаше добри односи со Турција и претседателот Николас Мадуро беше еден од првите лидери што го осуди обидот за пуч на 15 јули 2016 година од страна на ФЕТО“, рече Хорхе Ареаза.
„Односите сè уште не се на посакуваното ниво, но турската и венецуелската економија имаат потенцијал да се надополнуваат“, изјави тој, одговарајќи на прашањата на Мехмет Неџати Кутлу, директор на Центарот за латински студии при турскиот Универзитет „Анкара“.
„Оние што сакаат да инвестираат во Венецуела од Турција се подложени на закани. Има и такви кои воведуваат санкции. Затоа, верувам дека има потреба од нова законска рамка за заштита на инвестициите во приватниот сектор“, рече тој. „Во наредните години ќе ги видиме најдобрите бројки во трговијата со Турција и верувам дека ќе воспоставиме поблиски културни односи.“
„Турскиот амбасадор сака да го отвори турскиот културен центар во брзо време и ние исто така споменавме и џамија. Почнуваме меѓусебно да се запознаваме. Ние сме многу далечни, но многу слични“, додаде Ареаза.
Во врска со односите меѓу Венецуела и Соединетите Американски Држави (САД), Ареаза изјави дека ако новата американска администрација сака дијалог, Венецуела е отворена за тоа.
„Немаше шанса за цивилизираниот дијалог со администрацијата на Трамп да продолжи. Се надевам дека можеме да го утврдиме ова со новоизбраниот претседател Џо Бајден“, рече тој. „Ќе почекаме да видиме дали Бајден ќе дозволи да биде контролиран од воените, индустриските, технолошките и финансиските групи, или дали ќе има волја за подобрување на односите со Венецуела.“
„САД се најважниот трговски партнер на Венецуела веќе 100 години, но сега тоа е Кина“, рече тој, додавајќи дека Венецуела може да има добри односи со САД во рамките на меѓународното право и меѓусебното почитување.
ФЕТО и нејзиниот лидер кој живее во САД, Фетула Ѓулен, стојат зад неуспешниот обид за државен удар во Турција во 2016 година, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 лица беа ранети.
Терористичката организација ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање на своите поданици во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.