свет

Од Идлиб кон турската граница за три дена избегаа близу 27.000 цивили

Поради нападите на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите руски и проирански сојузници, цивилите од деескалациската зона на Идлиб и понатаму мигрираат во местата на самата сириско-турска граница

Eşref Musa, Mehmet Burak Karacaoğlu  | 19.01.2020 - Обновена : 20.01.2020
Од Идлиб кон турската граница за три дена избегаа близу 27.000 цивили

ИДЛИБ (AA) - Близу 27.000 цивили во изминатите два дена избегаа од внатрешноста на сириската провинција Идлиб кон турската граница, јавува Агенција Анадолија (АА).

Поради нападите на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите руски и проирански сојузници, цивилите од деескалациската зона на Идлиб и понатаму мигрираат во местата на самата сириско-турска граница.

Станува збор за цивили кои бегаат од западните и јужните периферии на Алепо кои се во рамки на границите на воспоставената зона на деескалација во Идлиб.

Шефот на Координацијата за дејствување во Сирија, Мухамед Халај, за АА рече дека таа организација се занимава со евидентирање миграции во Идлиб и дека забележале дека во изминатите три дена најмалку 26.778 луѓе, односно 4.698 семејства избегале во пограничниот појас.

Тој рече дека од почетокот на ноември минатата година од Идлиб во пограничниот појас избегале 382.466 цивили, односно 67.104 семејства.

Се стравува дека во случај да продолжат режимските напади, би можел да тргне и бран мигранти од регионот Џабел ал Завија и дека кон турската граница би можеле да тргнат додатни 250.000 цивили.

Избеганите од Идлиб во пограничниот појас престојуваат во лоши шаторски населби и чекаат меѓународна помош која им е повеќе од потребна. Дел од бегалците спас бараат во местата кои на северот на Сирија се ослободени во текот на антитерористичките операции „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“.

Пред почетокот на сириската војна, во Идлиб живееја 2 милиони луѓе, а од почетокот на војната, поради жестоките судири бројот на жителите е преполовен. Во март 2015 година, сириските опозициски сили го зазедоа Идлиб и оттогаш овој регион е тврдина на сириската опозиција.

Идлиб така стана засолниште на прогонуваните, а моментално во овој сириски регион живеат 4 милиони луѓе кои се цел на постојани режимски напади и напади на руските сили кои во војната се вклучија во октомври 2015 година.

Со посредство на Турција, Русија и Иран, во текот на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за зона за деескалација. Во Сочи 2018 година постигнат е дополнителен договор за примирје во Идлиб и за воспоставување зона на деескалација.

Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите лојални на режимот на Асад не ги стопираа артилериските и воздушните напади во тој регион.

Од потпишувањето на тој договор, во нападите на силите на Асад и неговите сојузници во Идлиб во изминатата година се раселени повеќе од 1,3 милион луѓе. Во нападите се убиени најмалку 1.600 цивили.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın