Kasım İleri
28 Декември 2016•Ажурирај: 28 Декември 2016
ВАШИНГТОН (АА) – Денес, во Перл Харбор, Хaваи, американскиот претседател Барак Обама и јапонскиот премиер Шинзо Абе упатија силна порака за помирување и сојузништво, јавува Anadolu Agency (AA).
Седум месеци откако Обама ja посети Хирошима за да оддаде почит за десетиците илјади јапонски жртви од американскиот нуклеарен напад за време на Втората светска војна, јапонскиот премиер Шинзо Абе го посети Перл Харбор, американската воена база којашто претрпе големи загуби за време на познатиот јапонски напад на 7 декември 1941 година.
По формалниот состанок, двајцата лидери положија два зелено-портокалови венци од лилјани пред УСС Аризона Мемориал, остаток од американскиот потонат брод, каде што загинаа 1.000 американски војници.
Двајцата лидери се присетија на настаните во Перл Харбор и изразија задоволство за напорите за обновување на односите меѓу Јапонија и САД.
„Соединетите Американски Држави и Јапонија го избраа пријателството и го избраа мирот. Во текот на децениите, нашето сојузништво ги направи нациите поуспешни“, рече Обама. „Нашето сојузништво никогаш не било посилно. Во добро и во лошо, ние сме тука едни за други“.
Абе изрази искрено и вечно сочувство за жртвите од Перл Харбор.
„Не смеат да се повторат ужасите на војната. Ова е свечена заклетва, што ја направивме ние, луѓето од Јапонија“, рече Абе. „Мојата желба е нашите јапонски деца, и претседателе Обама, вашите американски деца, и нивните деца и внуци, и луѓето од целиот свет, да продолжат да се присетуваат на Перл Харбор како симбол на помирувањето“.
Абе вети дека ќе даде сѐ од себе за да помогне во помирувањето.
Над 2.400 американски војници и цивили загинаа во нападот на Перл Харбор, поради што САД влезе во Втората светска војна.