ЕРУСАЛИМ (АА) – Тургут Алп Бојраз, Есхат Фират - Во Советот за безбедност при ОН е донесена одлука со која се бара итен и целосен прекин на сите илегални населувања на палестинската територија, која е под опсада на Израел. Со тоа, повторно во главната агенда на израелските и палестинските медиуми се донесува темата за понатамошната реакција на меѓународната заедница кон регистрираните еврејски населби на овие простори, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓу информациите во локалните медиуми во врска со можните резултати од оваа одлука на Советот за безбедност при ОН се вели: „Можно е меѓународната заедница да ги бојкотира производите направени во еврејските населби, што негативно ќе се рефлектира врз израелската економија, Меѓународниот кривичен суд да отпочне нови судски процеси против Израел и да ги реши сегашните против него, да се зајакне Палестина со што би се приклучила на ОН, а за да се случи ова, палестинскиот претседател Махмуд Абас би ги зголемил напорите“. Една од темите за кои се расправа во јавноста е таа дека кај Израел постои страв од евентуален предлог од страна на Барак Обама за нова нацрт-резолуција до Советот за безбедност при ОН за решавање на израелско-палестинското прашање, пред да заврши неговиот претседателски мандат.
Почнаа да се појавуваат знаци дека Палестина ќе преземе конкретни иницијативи во врска со овие теми. Унијата на национални и исламски сили, која кон себе ги има приклучено групите како што се Фатах, Хамас, Исламски џихад, Народниот фронт за ослободување на Палестина и Народниот демократски фронт за ослободување на Палестина, даде писмено соопштение во кое се истакнува дека треба да се изврши меѓународен притисок врз Израел со цел тој да ги почитува одлуките на Советот за безбедност при ОН.
Во соопштението исто така се вели дека градењето на еврејските населби претставува воено злосторство против палестинскиот народ и се повикува Израел да одговара во врска со ова пред Меѓународниот кривичен суд.
- Првата реакција на Израел е остра
Изрелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека не ја признава одлуката на Советот за безбедност при ОН, по што во Министерството за надворешни работи ги повика амбасадорите на државите што гласале за оваа одлука и одлучи да се преземат дипломатски санкции против некои од овие држави.
Тој исто така изјави дека Израел ќе прекине да ги плаќа надоместоците кон ОН, дека е откажана средбата со премиерот на Украина, земја што гласаше за оваа одлука, како и дека се прекинати програмите за помош на Сенегал. Украина реагираше на ова со тоа што го повика израелскиот амбасадор во Киев на разговор во Министерството за надворешни работи, по што уште повеќе се зголемија тензиите меѓу двете држави.
Со намалувањето на нивото на дипломатските односи на Израел со државите што гласаа за оваа одлука, на дневен ред се појави и прашањето за анексија на Западниот Брег и на источен Ерусалим. Меѓутоа, за преземање конкретни чекори, се очекува Израел да почека Доналд Трамп да дојде на својата нова функција како претседател на САД.
Првите показатели за тоа дека и покрај одлуката на Советот за безбедност, Израел ќе ја заостри политиката на окупираните територии е наредбата од израелскиот министер за одбрана, Авигдор Либерман, кон врховните функционери во армијата, да ја прекинат комуникацијата со палестинските претставници (освен за разговори во рамките на договорот за безбедност), како и информациите дека се планира изградба на дополнителни 5.600 нови станбени објекти во источен Ерусалим.
- Израел мора внимателно да дејствува
Јариф Опенхајмер, еден од претставниците на организацијата за човекови права „Мир сега“ (Peace Now), која е против еврејското населување, во изјава за АА рече: „Ваквите одлуки имаат многу сериозно влијание врз политиката на Израел, и покрај тоа што израелската Влада реагира на нив. Во иднина можеме да очекуваме помалку градење на еврејски населби. Израелската Влада ќе биде попретпазлива во однос на тоа каде ќе гради вакви населби“.
Реакцијата за оваа одлука во израелската јавност, Опенхајмер ја оцени како лош имиџ за Нетанјаху. „Според мене, најважната жртва на оваа одлука е премиерот Нетанјаху. Тој се обиде себеси да се прикаже во јавноста како бранител на Израел и борец за имиџот на Израел, меѓутоа не успеа во тоа. Сега тој изгледа многу слаб и наиде на голем удар од меѓународната јавност. Постои разлика меѓу Израел и окупираните територии. На долг рок, Израелците ќе сфатат дека целиот свет ќе ја прифати вистината за Израел, но нема да ја прифати окупацијата на Газа и на Западниот Брег“, истакна тој.
Опенхајмер посочи дека треба да продолжат притисоците кон владата на Нетанјаху за постигнување договор во врска со еврејските населби во окупираниот Западен Брег.
Не е доволна одлуката на Советот за безбедност при ОН за да го запре Израел
Претседателот на „Центарот за правни економски и општествени истражувања во Ерусалим“, Зијад Ел Хамури изјави дека сѐ додека Израл не наиде на меѓународен притисок, нема да биде запрен. „Анализите и вестите во локалните медиуми на Израел го обвинуваат премиерот Нетанјаху. Оваа ситуација го прикажува Нетанјаху како неуспешен во израелското општество. По ова, ќе продолжи растот на десницата во еврејското општество“, рече Хамури.
Тој истакна дека зголемените реакции во јавното мислење не значи оти оваа одлука има сила на санкција. „Но, ние сме навикнати на ова. И претходно имаше слични реакции на некои одлуки. Еден од примерите е кога во 2007 година се одржа конференцијата ’Анаполис’ во САД, и беа донесени одлуки во врска со Палестина, а тие не беа спроведени. За време на организирањето на конференцијата, Израел донесе одлука за градба на повеќе од 50 илјади станбени единици“, вели Хамури.
Хамури нагласува дека од палестинската власт се очекува да ги изнесе напорите и очекувањата во врска со градбата на еврејските населби и темата со Источен Ерусалим. „Според мене, има голем притисок врз палестинските власти. Палестина нема сила да направи притисок врз меѓународната јавност. И да го преземе она што е во рамките на нејзините можности, сепак нема да добие за возврат на меѓународно ниво. Во однос на ова, не може да се спротивстави на силата на Израел. Ова конкретно се манифестираше со прифаќањето на железничкиот проект што се протега на линијата Рамала – Ерусалим – Ел-Халил – Беер-Шеба. Од друга страна пак, е планираниот проект за изградба на меѓународен аеродром во градот Ериха, кој припаѓа на Западниот Брег. Сите овие примери покажуваат дека Израел не ги почитува одлуките, ниту пак меѓународната заедница, и дека има големи планови за Западниот Брег“.
За крај, во својот говор Хамури истакна: „Наоѓањето решение за двете држави е целосно тргнато настрана, а напорите да се укине палестинската власт се забрзуваат. Одлуката на Советот за безбедност при ОН сѐ уште дава чувство дека палестинскиот процес е жив во меѓународната јавност. Меѓутоа, доколку оваа одлука не се зајакне со додавање на членовите од седмиот дел на Повелбата на ОН, нема да има никакво значење. Ниту една одлука нема важност, доколку не го санкционира Израел, бидејќи, вакви одлуки и претходно беа донесувани во ОН. Најконкретниот пример е од 2004 година, кога Судот за човекови права во Хаг донесе одлука дека градењето на еврејските населби, јудаизацијата на Ерусалим, како и напорите за анексија на Западниот Брег е илегално. Меѓутоа, од 2004 година па наваму, нема никаква промена во израелската политика. Продолжуваат градбите на еврејските населби, како и изградбата на ѕидот на поделбата“.
Историјат на еврејските населби на територијата од Палестина:
Веднаш по окупацијата на Западниот Брег и Источен Ерусалим од страна на Израел во 1967 година, тој започна да гради еврејски населби во подрачјето. Израелската Влада, која беше под раководство на левоориентираната работничка партија, во периодот 1967-1977 започна интензивна програма за изградба на еврејски населби во подрачјето на Источен Ерусалим и источно од Западниот Брег, околу Мртвото Море.
Екстремно десно ориентираната партија Ликуд, која власта ја презеде од работничката партија, во периодот 1977-1987 година без прекин ја продолжи програмата за изградба на еврејски населби, целејќи бројот на Евреи што ќе се населат во еврејските населби во околината на Западниот Брег да изнесува 1 милион.
Еврејската Влада што беше на власт во 1990 година објави дека не ги признава што беа одредени во 1967 година, и го забрза планот за изградба на еврејски населби на Западниот Брег. Во тој период, израелската Влада со цел да обезбеди меѓусебна поврзаност на нелегалните еврејски населби и тие да се поврзат со останатите израелски градови, изгради безбедносни патишта на Западниот Брег.
Поранешниот израелски премиер Ариел Шарон, во 1996 година упати повик за изградба на населби за живеење во секој дел од Западниот Брег, по што започна изградбата на еврејски населби и во внатрешноста на Западниот Брег.
- Еврејски населби во Газа
За првпат во 1968 година, откако го зема под своја контрола Појасот Газа, Израел започна да гради еврејски населби на поголем број стратешки точки.
На површина од 23.000 квадратни метри во Појасот Газа, Израел изгради 19 еврејски станбени единици, и ова подрачје го нарече „безбедна област“.
Премиерот на Израел, Шарон, кој беше на власт за време на оружениот отпор во Газа, во 2003 година, за првпат ги испразни еврејските населби во подрачјето и на дневен ред го донесе „Планот за поделба“.
На 15 јуни 2005 година, Израел ги испразни еврејските населби во Појасот Газа и откако ги урна, беше принуден да ја напушти Газа.
- Во период од 49 години, 262 официјални и неофицијални еврејски населби
Во јужниот дел од Западниот Брег се наоѓа еврејската населба Кефар Атсијон, која е прифатена како првата еверејска населба што ја има изградено Израел по окупацијата на Западниот Брег и на источен Ерусалим во 1967 година.
Халил Туфекчи, директор на Здружението за специјални арапски истражувања и експерт за еврејски населби, изјави дека покрај 136 официјални еврејски населби на Западниот Брег и 10 во источен Ерусалим, на околните високи ридови изградени се 116 незаконски еврејски населби.
Според израелската невладина организација, движењето „Мир сега“ (Peace Now), кое е познато по тоа што е против еврејските населби, соопшти дека еврејските населби на Западниот Брег заземаат 13 отсто од целата нејзина територија. Според податоците на Движењето „Мир сега”, кога започнало населувањето на Западниот Брег во 1977 година, имало 4.400 еврејски доселеници.
- На Западниот Брег и во источен Ерусалим има 640.000 еврејски доселеници
Кога Израел во 1967 година ги окупираше Западниот Брег и источен Ерусалим, во нив не живеел ниту еден еврејски доселеник, а пак денеска има вкупно 640.000 еврејски доселеници, од кои само 220.000 се населени во источен Ерусалим.
Во периодот кога Палестина ја објави својата независност во 1988 година, бројот на еврејските доселеници на Западниот Брег изнесувал 66.500, а пак кога Израел и Палестина го потпишаа мировниот договор во Осло, во 1993 година, таа бројка изнесуваше 116.300 доселеници.
Во 2000 година, двете земји се сретнаа во градот Кемп Дејвид, во САД, со цел да најдат решение за израелско-палестинскиот проблем. Во тоа време бројот на еврејски доселеници на Западниот Брег изнесуваше 184.000.
По последните напори за решавање на израелско-палестинското прашање во 2014 година, запишано е дека бројот на еврејски доселеници на Западниот Брег изнесувал 371.000.
Според палестинските и израелските експерти, во источен Ерусалим живеат 220.000 еврејски доселеници, со што вкупниот број на доселеници изнесува 640.000 во двете подрачја.
- Гледиштата на двете страни кон населбите
Според Палестинците, еврејските населби на Западниот Брег и во источен Ерусалим, наместо вообичаени населби за живеење, повеќе наликуваат на колонијални системи со развиени патишта, универзитети, училишта и здравствени институции.
Според меѓународната заедница, еврејските населби што Израел ги изградил врз палестинската земја се илегални и според неа претставуваат најголема пречка за воспоставувањето мир меѓу двете земји.
Израел ги оценува повиците за прекин на изградбата на еврејски населби како целосно отстранување на Евреите од Западниот Брег и го опишува како повик за етничко чистење.
Палестинската ослободителна организација за незаконските градби од страна на Израел на палестинската територијата истакнува дека претставуваат најголема пречка за изнаоѓање решение меѓу двете земји. Палестинската ослободителна организација истакнува дека овие населби ја ослабуваат можноста за праведен и траен мир во подрачјето во кои се изградени.
Се истакнува дека во еврејските населби изградени во источен Ерусалим и на Западниот Брег, кои се под окупација, забранет е влез за нееврејското население.
news_share_descriptionsubscription_contact
