свет

Млад Либанец спасува напуштени животни во областите под израелски напади

Особено со раселувањето на жителите од јужен Бејрут, поточно од областа Дахије, не само бездомните животни, туку и оставените домашни миленичиња станаа неми жртви на нападите...

Muhammed Emin Canik, Ethem Emre Özcan  | 23.03.2026 - Обновена : 23.03.2026
Млад Либанец спасува напуштени животни во областите под израелски напади Фото: Houssam Shbaro/AA

БЕЈРУТ (АА) – МУХАМЕД ЕМИН ЏАНИК/ЕТЕМ ЕМРЕ ОЗЏАН - Додека небото над Либан се кине од татнежот на оружјето, Либанецот Мухамед Хабли, со сопствени сили и средства, води благородна битка за спас на напуштените и незаштитените животни во Дахије, јужното предградие на Бејрут, кое стана цел на разорните напади што предизвикаа масовно раселување на населението, јавува Анадолу.

Нападите на израелската војска врз Либан, кои однесоа бројни човечки животи, оставија многу ранети и принудија повеќе од еден милион граѓани да ги напуштат своите домови, а длабоко ги погодуваат и „тивките души“ кои останаа зад нив.

Особено со раселувањето на жителите од јужен Бејрут, поточно од областа Дахије, каде што бројот на жители достигнува речиси еден милион, не само бездомните животни, туку и оставените домашни миленичиња станаа неми жртви на нападите.

Мухамед Хабли вели дека речиси 5 години им подава рака на животните и дека во своето засолниште се грижи за 300 кучиња и 80 мачки.

„Луѓето почнаа да ме препознаваат откако минатата година спасувавме животни од урнатините за време на нападите“, изјави тој.

20-годишниот Хабли, кој го води профилот на социјалните мрежи под името „Rescuing Souls”, вели: „Ме повикуваат луѓе кои морале да го напуштат својот дом, а не можеле да ги земат миленичињата со себе. Успеваме да спасиме дел од нив. На пример, ги преземаме животните од градовите Сур и Небатије, како и од околината на Дахије во јужен Бејрут, и им ги предаваме на сопствениците. Некои, пак, ги земаме во нашето засолниште бидејќи сопствениците веќе не ги сакаат.“

Ставајќи акцент на маките со кои се соочуваат животните обидувајќи се да преживеат на улицата, Хабли истакна: „Кучињата кои пораснале во дом, на улица брзо се разболуваат, ги удираат автомобили и едноставно не умеат самите да се погрижат за себе”.

„Токму затоа, принудени сме да ги преземеме и да ги сместиме во нашето засолниште”, објасни тој.

Либанскиот љубител на животни со тага раскажа дека за време на спасувачките акции повремено се соочуваат со животна опасност, а некогаш, поради интензивните напади, нивните напори завршуваат без успех.

Мухамед открива дека нивната сила лежи во малата заедница што ја изградиле среде хаосот, каде што своите активности ги спроведуваат благодарение на донациите и материјалната поддршка од најблискиот круг пријатели.

„Со пријателите формиравме мала група. Секој од нас одвојува одреден износ и тие пари ги трошиме за потребите на животните. Исто така, собираме донации за да ги спасиме кучињата од улиците и воените зони, и да ги чуваме на безбедно во нашето засолниште“, рече овој млад човек.

Нагласувајќи ги суровите предизвици на раселувањето, Хабли упати последен, моќен апел до сите оние кои се принудени да ги напуштат своите домови: „Да не ги оставаат своите животни сами на прагот на смртта.“


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.