Erkan Avci
11 Јануари 2016•Ажурирај: 11 Јануари 2016
ВАШИНГТОН (АА) - И покрај најавите на американскиот претседател Барак Обама за затворањето на затворот во американската база Гвантанамо, тој и понатаму постои и денес наврши 14 години од влегувањето на првите затвореници во тој комплекс, јавува Anadolu Agency (AA).
Администрацијата на поранешниот претседател Џорџ Буш, по терористичките напади на 11-ти септември 2001 година, во Њујорк објави глобална војна против тероризмот, а во тие рамки во базата на американската морнарица во заливот Гвантанамо, отворен е затвор за осомничените терористи.
Првите затвореници на озлогласениот затвор кој се состои од три оддели, во ќелиите влегоа токму на денешен ден во 2002 година. За период од една година во затворот се притворени приближно 680 затвореници во портокалови комбинезони, а тој број подоцна се зголеми на 800.
Иако официјален Вашингтон тогаш тврдеше дека затворениците во Гвантанамо нема да бидат третирани како "воени затвореници" според Женевската конвенција од 1949 година, условите на кои се подвргнати затворениците многу бргу станаа глобална тема на критики на сметка на Бушовата администрација.
"Amnesty International" како "скандал на човековите права" ја оцени употребата на затворот во Гвантанамо како воен затвор и тактика на процесуирање на затворениците во текот на изминатите години.
Паралелно со тоа, и Обединетите нации во низа извештаи укажуваа на кршењето на човековите права во тој комплекс.
Извештаите на американскиот Сенат открија дека во затворот се применувани свирепи техники при испитување на заробениците, како гушење, физичко и сексуално злоставување и исцрпување на заробениците со глад и неспиење. Затворот со тоа сознание во јавноста е критикуван како "дамка на лицето и срам за САД".
Според податоците на Пентагон, во Гвантанамо и понатаму се затворени вкупно 104 затвореници осомничени за тероризам, а процесот на истрага и нивната депортација во земјата на потекло се во тек.
Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, минатата недела изјави дека 46 од вкупно 104 затвореници се ослободени, но дека се бара земја која би прифатила тие да се депортираат таму.
Администрацијата на актуелниот американски претседател Обама, заговара затворот во Гвантанамо да се затвори, а преостанатите затвореници да се сместат во американските затвори, што е предмет на жестоки расправи во американскиот Конгрес, бидејќи значителен број на политичари се против тоа осомничените за тероризам да се доведат во САД.
Да потсетиме дека едно од впечатливите предизборни ветувања пред вториот претседателски мандат на Обама беше токму затворањето на озлогласениот затвор во Гвантанамо. Обама по доаѓањето во Белата куќа издаде наредба за затворање на затворот во рок од една година, но тоа не е реализирано поради блокада на Конгресот во кој мнозинство имаат републиканците.