АЗАЗ/АНКАРА (АА) - Регионот во северниот дел на Сирија, на границата со Турција, за време на офанзивата „Штитот на Еуфрат“ е исчистен од терористичките елементи. Овој регион моментално бележи значаен напредок на полињата безбедност, здравство, образование и развој, при што преобразувањето во населено подрачје може да биде пример во Сирија по војната, јавува Anadolu Agency (AA).
Вооружените сили на Република Турција (ТСК) на 24 август 2016 година ја покренаа офанзивата „Штитот на Еуфрат“ во рамките на која, северно од Алепо, е исчистена од терористите на ДЕАШ, територија од вкупно 2.055 километри квадратни. Благодарение на оваа офанзива, жителите од регионот, кои привремено престојуваа во Турција, започнаа да се враќаат во своите домови.
Голем број турски хуманитарни организации активно му даваат поддршка на локалното население, за да остане во својата татковина и да живее во мир и благосостојба.
- Безбедност -
Откако терористите на ДЕАШ го напуштија регионот, ТСК прво учествуваше во деминирање на теренот, а досега се откриени и уништени значајни количини на експлозивни направи.
Потоа се зголемени безбедносните мерки во најважните „тврдини“ на регионот со офанзивата „Штитот на Еуфрат“, а се работи за Азаз, Џарабулус, Ал Баб и Кобанбеј.
Ослободителната војска на Сирија (FSA) ја произведе и првата генерација полицајци, кои ги обучуваше Турција. Моменталната безбедност во овој регион е поверена токму на оваа „слободна полиција“.
Околу 30 подгрупи при ФСА на 30 декември 2017 година се обединија под покривот „Национална војска“. Тогаш премиерот на преодната влада во Сирија, Џавад Абу Хатаб за АА изјави дека целта е да се задржи територијата исчистена со офанзивата „Штитот на Еуфрат“, и да се заштити народот од режимот на Асад и терористичките организации како ДЕАШ и ПЈД/ПКК.
- Враќање во татковината -
Според информациите до кои дојде новинарот на АА, откако терористите на ДЕАШ го напуштија овој регион, благодарение на активното враќање, бројот на жителите е зголемен за дури 4,5 пати.
Во периодот кога регионот го контролираа терористите на ДЕАШ, бројот на жителите падна на 52.000, додека сега овој број изнесува повеќе од 236.000.
Локалните совети, формирани со поддршка на Турција, работат на подигање на инфраструктурата во подрачјата што ги уништија терористите на ДЕАШ, како што е водовод, електрична енергија, чистење на околината, и на тој начин ги бришат трагите од ДЕАШ.
- Образование -
Училиштата и образовните институции во регионот за време на „владеењето“ на терористите на ДЕАШ во значајна мерка се урнати или оштетени. ДЕАШ забрани школување, а установите што се наменети за тоа ги користеше за терористички активности.
Благодарение на поддршката на Министерството за образование на Турција и Фондацијата „Маариф“, во овој регион се направени и значајни чекори во полето на образованието.
Канцелариите за образование основани од опозицијата во овој регион, започнаа со проекти за обнова на урнатите и оштетени училишта. Веќе десетици училишта се обновени и повторно ставени во функција.
Во регионот се обновени околу 450 училишта, а околу 6.000 наставници, исто така, се едуцирани со поддршка на Турција. Моментално во училиштата во регионот наставата ја следат 150.000 ученици.
- Здравство -
Кога станува збор за здравството, Турција изгради болница во Џарабулус која има капацитет од 400 лица. Во Азаз е обновена болница што има капацитет од 500 лица.
Исто така, во Ал Баб, Мари и Кобанбеј се во тек проектите за болници кои имаат капацитет од 200 кревети.
Регионот меѓу Азаз и Џарабулус, кој во периодот пред граѓанската војна во Сирија беше многу жив во трговска смисла, по окупацијата на ДЕАШ замре. Но, поради сè поголемиот број жители што се враќаат во своите домови, во регионот се враќа стариот ритам.
news_share_descriptionsubscription_contact
