Ekipa
30 Април 2017•Ажурирај: 01 Мај 2017
ИДЛИБ/АНКАРА (АА) - За време на бомбашкиот напад извршен кога конвoите за евакуација на цивилите и војниците од регионите под опсада во Сирија чекале на контролните пунктови, Абдулкадир Хабак ја оставил својата задача како новинар и одлучил да ги спаси децата, денес се згрозува кога се присетува на моментот на нападот, пишува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на меѓусебниот договор за евакуација помеѓу опозицијата и режимот, новинарот Абдулкадир Хабак, кога на 15 април бил во Рашидин, кој се наоѓа во источниот рурален регион во Алепо за да ја врши неговата новинарска задача, бил сведок на бомбашкиот напад извршен врз конвојот за евакуација.
Настаните на контролниот пункт во Рашидин кој бил прашање на живот и смрт кога бомбата експлодирала, биле снимени од камерите. Снимките на кои се гледа како Хабак трча држејќи ја камерата во една рака, а во другата дете, станаа еден од симболите на настанот.
Сирискиот новинар Хабак за AA ги раскажа случувањата по експлозијата, и истакна дека е многу тешко е да се зборува за тоа што доживеал за време на нападот.
„По експлозијата видов дека ја немам камерата, почнав да ја барам, на местото каде што ја најдов камерата имаше и еден труп на дете, за жал целиот труп беше распарчен. Сакав да го спасам детето, но тоа почина. Откако го видов детето, целосно ја заборавив камерата и снимањето“, се присети Хабак, истакнувајќи дека бил многу близу до местото на настанот.
Младиот новинар, кој бил во болницата во Хан Шејхун бомбардирана на 4 април, потсетувајќи на тешките работни услови, рече: „Искрено, ние новинарите не се соочуваме за првпат со ваков случај, исто и претходно бевме изложени на голем број воздушни напади.“
- „Единствено што мислевме беше да ги спасиме повредените деца“-
„Заедно со мојот пријател најпрвин ги спасивме трите повредени деца“, истакна Хабак, и нагласи дека во нападот во којшто цел беше конвојот за евакуација, заедно со неговите колеги ги оставиле камерите и им помагале на луѓето.
„Во тој момент беше невозможно да не им се помогне на повредените деца и да се снима. Еден друг пријател две деца трчајќи ги однесе на местото каде што беа возилата за брза помош, и јас зедов едно дете во прегратки и трчав по него. Во тој момент не мислите на новинарство и на снимање на експлозијата. Се потрудивме да ги однесеме децата на безбедно место. Единствено што мислевме беше да ги спасиме повредените деца. Во тој момент вашата хуманост ве тера да ги заборавате другите мисли“, додаде тој.
Хабак истакна дека враќајќи се на нивното место каде што претходно стоеле, видел едно друго повредено дете и притрчале да му помогнат.
„Одеднаш еден извика дека починало детето кое лежеше на земја. Но, јас не ги послушав зборовите на тој човек, не можев да ги тргнам очите од детето. Во еден момент видов дека детето ги движеше рацете. Веднаш се приближив до детето, беше живо, но тешко дишеше“, вели Хабак, кој нагласи дека бил многу засегнат од оваа ситуација.
„Повреденото дете кое се потрудив да го спасам ме потсети на детето кое загина во нападот со хемиско оружје во Хан Шејхун“, истакна Хабак.
Хабак нагласи дека во тој момент единствено сакал да го спаси повреденото дете.
„Го прегрнав детето и претрчав до возилото за прва помош. Кога стигнав до возилото, детето ме гледаше мене, и цврсто ме држеше за рака. Не можам да ви ги објаснам чувствата во тој момент“.
Сирискиот новинар вели дека најмалку 8 лица ги однеле до возилата за брза помош заедно со неговиот колега новинар, и истакна дека кога стасале тимовите за цивилна одбрана како и сириската Црвена полумесечина тогаш ги зеле нивните камери и почнале да снимаат.