Şenhan Bolelli
25 Ноември 2018•Ажурирај: 26 Ноември 2018
МАДРИД (АА) - Масовни протестни прошетки поради насилството врз жените се одржаа денеска низ цела Шпанија, јавува Anadolu Agency (AA).
Поворките се организирани по повод Меѓународниот ден против насилството врз жените, а централниот собир се одржа во центарот на Мадрид.
Собирот е организиран од страна на здружението „Мадридски форум против насилството над жените“, а го поддржаа бројни политички партии, синдикати и невладини организации.
„Сакаме да бидеме слободни, без исклучоци“, пишуваше на големиот транспарент кој го носеа илјадници учесници на маршот во Мадрид.
Насилството врз жените важи за еден од поголемите проблеми во шпанското општество, а во изминатите години во врска со тоа водени се низа кампањи. Најмалку 972 жени се убиени како жртви на семејно насилство.
Минатата година сопружници или свршеници убија 49 жени во Шпанија, а за десет месеци оваа година убиени се уште 44 жени.
Шпанската полиција соопшти дека оваа година се регистрирани речиси 67.000 напади врз жените од нивните машки партнери.
Со одлуката на Обединетите нации од 1999 година, Меѓународниот ден против насилството врз жените се одбележува секој 25 ноември, во знак на сеќавење на денот од 1960 година кога диктаторот Рафаел Трухило нареди погубување на сестрите Патри, Марија Тереза и Минерва во Доминиканската Република.