Ali H. M.Abo Rezeg
25 Ноември 2018•Ажурирај: 26 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Саудиска Арабија преговарала со израелска фирма за купување на напреден систем кој ги хакира мобилните телефони, објави денес израелскиот весник „Хаарец“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Весникот наведува дека двајца претставници на компанијата „NSO Group Technologies“ со седиште во Херцлија, се состанале со претставници на Саудиска Арабија во Виена во 2017 година за да го промовираат софтверот „Pegasus 3“ (Пегас).
„Хаарец“ ги идентификуваше двајцата саудиски функционери како Абдула ал Малихи, соработник на принцот Турки ал Фаисал, поранешен шеф на разузнавачката служба на кралството, и Насер ал Кахтани, кој се претставил како заменик на актуелниот шеф на разузнавањето.
За време на состанокот, претставниците на компанијата, покажале PowerPoint презентација за можностите на напредниот киберсистем.
Сето ова е излезено на виделина откако е поднесена жалба до израелската полиција од страна на лице идентификувано како бизнисмен од Европа со конекции во Заливот.
Во врска со наводите досега нема коментар од саудиските власти.
Компанијата „NSO Group Technologies“ од своја страна истакнува дека според законот, нејзините производи се користат во борбата против криминалот и тероризмот.
Едвард Сноуден, поранешен советник во Американската агенција за национална безбедност, на почетокот од месецов тврдеше дека софтверот изработен од израелска фирма за кибербезбедност е користен за следење на саудискиот новинар Џамал Хашоги.
Обраќајќи се на конференцијата во Тел Авив преку видеоповик од Русија, Сноуден истакна дека шпионскиот софтвер „Pegasus“, продаван на владите од страна на израелската компанија „NSO Group Technologies“, се користи за следење на опоненти.
Инаку, на саудискиот новинар Џамал Кашоги, колумнистот на „Вашингтон пост“ („The Washington Post“), му се губи секаква трага по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
Откако првин кажаа дека Кашоги го напуштил Конзулатот, неколку недели подоцна саудиските власти признаа дека тој бил убиен внатре, во Конзулатот, фрлајќи ја вината врз група саудиски оперативци.
Саудиска Арабија и Израел немаат воспоставено дипломатски односи.