Eshat Fırat
06 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека односите и соработката на Израел со арапските земји е подобра од кога било претходно, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на израелската Влада, Офир Генделман, денес имаше обраќање пред службениците на израелското Министерство за надворешни работи и во таа пригода ја пренесе изјавата на премиерот Нетанјаху, кој истакна дека никогаш претходно не бил забележан толку позитивен тренд во развојот на односите меѓу Израел и арапските земји.
„Сѐ уште прецизно не го утврдивме обемот на израелската соработка со арапските земји, но тие се подобри и поголеми од кога било претходно. Тоа е така, без оглед на Палестинците. За жал, Палестинците сѐ уште не ги променија своите идеи и накани да се дојде до какво било решение“, се наведува во изјавата на Нетанјаху, којашто ја пренесе Генделман.
Нетанјаху неодамна и лично изјави дека израелските односи со арапските земји се сѐ поинтензивни и подобри, но не откриваше детали.
Мировните преговори со цел да се реши повеќедеценискиот израелско-палестински конфликт беа блокирани во април 2014 година. Палестинците бараат право да се вратат сите протерани од окупираното подрачје, да запре изградбата на илегалните еврејски населби и да се воспостави независна палестинска држава во границите од 1967 година, со главен град Источен Ерусалим. За Израел, овие барања се неприфатливи.