Dildar Baykan
06 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
ЈАНГОН/АНКАРА (АА) - Мјанмарската мрежа за човекови права (БХРН) соопшти дека војска спроведува насилна кампања против араканските муслимани, формирајќи „зони прочистени од муслимани“ низ земјата, јавува Anadoly Agency (AA).
БХРН објави извештај од 104 страници, кој е подготвен врз основа на интервјуа со над 350 лица во период од осум месеци, и во него се вклучени сведоштва за случаи на прекршување на човековите права, како и за напади извршени врз араканските муслимани во над 46 градови и села во областите Аракан и Карен, од страна на мјанмарските власти.
Во овој извештај се наведува дека суровите напади над муслиманите во Мјанмар сѐ уште траат и се засилени, особено од 2012 година. „Низ земјата се создадени зони 'прочистени од муслимани'. Затворени се местата за молење, или се неупотребливи“, се вели во извештајот.
Исто така, во извештајот се вели дека суровите напади над муслиманите продолжиле и во периодот на таканаречената „цивилна администрација“ во Мјанмар. „На голем број муслимани не им се издаваат лични карти. Војската спроведува насилна кампања против араканските муслимани“, се истакнува во извештајот.
Според овој извештај, во периодот на поранешниот претседател Теин Сеин, стапиле на сила четири закони коишто вклучуваат верска дискриминација, а пак притисокот врз муслиманите е институционализиран и сѐ уште трае.
„Мјанмарската министерка за надворешни работи и државен секретар, Аунг Сан Су Чи, никако не може да го смени социјалниот став во општеството кон муслиманите. Исто така, на лидерите на Националната унија за демократија (НЛД) им се дозволува да даваат изјави против араканските муслимани“, се наведува во извештајот на БХРН.
Еден член на Исламсиот совет за верски прашања во Мјанмар, кој сакаше да остане анонимен, во изјава за АА истакна дека во голема мера се согласува со наодите од извештајот, и информираше дека поголемиот дел од муслиманите што живеат во Јангон и во другите региони немаат лични карти и се лишени од основните права.
- Продолжува борбата за бегство на араканските муслимани -
Во видео-снимките објавени на социјалните мрежи, кои биле направени вчера, прикажани се араканските муслимани кои се собрале покрај реките во шумските области поради тоа што нивните домови се запалени.
Од 25 август, голем број аракански муслимани го загубија животот во нападите на мјанмарската војска, која продолжува да врши напади во Аракан под изговор дека води борба против вооружени милитанти. Над 60 села беа цел на овие напади, од кои десетици се запалени.
Десетици илјади аракански муслимани се обидуваат да преминат од Аракан во Бангладеш, преку копно и вода, со цел да избегаат од нападите. Обединетите нации (ОН) соопштуваат дека досега над 123.000 аракански муслимани преминале во Бангладеш, а десетици илјади чекаат во пограничните зони.
Не може да се утврди точниот број на убиените лица поради тоа што мјанмарската Влада не им дозволува на меѓународните организации да влезат во регионот. Граѓанските здруженија во Аракан соопштуваат дека бројот на загинатите е над илјада, а постојат и тврдења дека се убиени илјадници лица.