Неидентификувани беспилотни летала над американска воена база каде што престојуваат Рубио и Хегсет
Беспилотните летала биле откриени над базата „Форт Мекнер“ во текот на една ноќ во изминатите 10 дена, а нивното потекло сè уште не е утврдено
ИСТАНБУЛ (АА) - Повеќе неидентификувани беспилотни летала биле забележани над воената база во Вашингтон во која престојуваат американскиот државен секретар Марко Рубио и секретарот за одбрана Пит Хегсет, што предизвикало итен состанок во Белата куќа и засилени безбедносни мерки, објави вчера „Вашингтон пост“ , јавува Анадолу.
Беспилотните летала биле откриени над базата „Форт Мекнер“ во текот на една ноќ во изминатите 10 дена, а нивното потекло сè уште не е утврдено, изјавиле два извори за медиумот.
Забележувањето на леталата ги поттикнало официјалните лица да размислат за преместување на Рубио и Хегсет, иако досега ниту еден од нив не ја напуштил својата резиденција, изјавил висок претставник на администрацијата за „Вашингтон пост“.
Американската Армија работи на повисоко ниво на будност од почетокот на американско-израелските напади врз Иран на 28 февруари, според истиот извор.
Главниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, одби да коментира за случајот, нагласувајќи дека дискутирањето за движењата на Хегсет би било „крајно неодговорно“. Стејт департментот исто така не одговорил на барањето за коментар од страна на весникот.
