Ayşe Doğru
21 Декември 2019•Ажурирај: 23 Декември 2019
БЕЈРУТ - Во сирискиот град Хомс со беспилотни летала извршени се напади врз три објекти за нафта и природен гас кои му припаѓаат на режимот на Асад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста што ја објави сириската државна телевизија, се тврди дека во централните делови на земјата, три објекти за нафта и природен гас биле цел на напади на беспилотни летала.
Според веста, извршен е истовремен напад со беспилотни летала врз нафтена рафинерија и два објекти за природен гас во областа Хомс. При нападот избувна пожар во нафтената рафинерија кој за кусо време бил ставен под контрола.
Министерството за нафта на режимот објави дека при нападот оштетувања претрпел делот од објектот за производство и дека работат на гаснење на пожарот.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.
- Производството кое пред војната изнесуваше 350.000 барели, сега падна на 24.000 барели -
Пред започнувањето на граѓанската војна, во Сирија се произведуваа околу 350.000 барели дневно. Половина од ова производство се извезуваше.
На териториите кои се под контрола на режимот сѐ уште се произведуваат само 24.000 барели дневно, со што се покрива само мал дел од потребите во државата.
Со засилувањето на санкциите против режимот на Асад и обновувањето на санкциите кон Иран, кој му е сојузник на Асад, од почетокот на 2019 година досега има недостиг на гориво на териториите кои се под контрола на режимот.
Покрај тоа, поголемиот дел од нафтените полиња се наоѓаат во северниот дел на Сирија, подрачје кое е под контрола на терористичката организација ЈПГ/ПКК.