Ekipa
19 Декември 2016•Ажурирај: 20 Декември 2016
ГАЗА (АА) – Во вчерашниот извештај на Акциската група за Палестинците во Сирија се вели дека повеќе од 3.400 Палестинци загинаа во Сирија од почетокот на судирите во таа земја пред речиси шест години, пренесува Anadolu Agency (AA).
Оваа невладина организација наведува дека за време на војната во Сирија ја документирала смртта на 3.411 Палестинци, меѓу кои 455 жени.
Според извештајот на невладините организации, поголемиот дел од Палестинците во Сирија настрадале во артилериски напади, вооружени судири меѓу завојуваните страни, поради блокада наметната во одредени делови на земјата и при тонење на бродови полни со бегалци.
Во извештајот се наведува дека за време на повеќегодишниот конфликт, најмалку 1.277 Палестинци загинале само во бегалскиот камп Јермук, јужно од главниот град Дамаск.
Невладината организација ги повикува меѓународните организации да им помогнат и да ги заштитат палестинските бегалци во Сирија.
Според податоците на ОН, околу 450.000 палестински бегалци моментално се наоѓаат во Сирија, а поголемиот дел од нив се без основни животни потреби, храна и лекови.
Војната во Сирија започна во март 2011 година, а оттогаш, според податоците на ОН, животот го загубиле повеќе од 250.000 лица. Околу десет милиони Сиријци се раселени, а меѓу нив 50 отсто се деца и 35 отсто жени. Војната изби кога режимот на Асад со воена интервенција се обиде да ги задуши мирните протести против режимот кој владееше речиси четири и пол децении.
Сирискиот центар за политичко истражување со седиште во Бејрут наведува дека од почетокот на војната во Сирија загинале повеќе од 470.000 лица.