свет

Најмногу американско оружје купуваат Саудиска Арабија и Јапонија

САД ја проширија својата мрежа на извоз на оружје на Блискиот Исток и африканските земји, каде што судирите во последните години се интензивирани, додека од друга страна, сè помалку оружје продаваат во Северна и Јужна Америка, како и во Европа

Tuğçenur Yılmaz  | 22.07.2018 - Обновена : 23.07.2018
Најмногу американско оружје купуваат Саудиска Арабија и Јапонија

Ankara

АНКАРА (АА) - ТУГЧЕНУР ЈИЛМАЗ -

Соединетите Американски Држави (САД) ја проширија својата мрежа на извоз на оружје на Блискиот Исток и африканските земји, каде што судирите во последните години се интензивирани, додека од друга страна, сè помалку оружје продаваат на сојузниците во стратешките региони во Северна и Јужна Америка, како и во Европа, пишува Anadolu Agency (AA).

Според информациите кои новинарот на АА ги собра од Меѓународниот институт за истражување на мир (SIPRI), со седиште во Стокхолм, кога станува збор за најголемиот извозник на оружје на светот - САД, од 1950 година, па досега, можат да се забележат значајни промени, во однос на тоа во кои региони оваа земја врши најмногу извоз.

Според податоците на Меѓународниот институт, во текот на 1950 година, САД најголемо количество оружје извезуваа на своите тогашни партнери против Советскиот Сојуз, односно на Канада, Франција, Велика Британија, Западна Германија и Турција. Кога станува збор за азиско-пацифичкиот регион, САД најмногу вооружување извезуваа во Јужна Кореја, Јапонија и Тајван.

Во наредната деценија, од 1960 до 1970 година, Азија и Европа се региони кои најмногу купуваат американско вооружување. Освен тоа, САД во тој период големо количество извезуваа и на Блискиот Исток.

Исто така, Западна Германија во тој период се истакнува како земја која купува најмногу американско оружје, додека меѓу купувачите на Блискиот Исток се истакнуваат Израел и Иран, под водство на шахот Реза Пахлави.

- Продажба на оружје во време на државните удари во Латинска Америка -

Соединетите Американски Држави (САД), во 1970-тите ја прошируваат својата мрежа за извоз на оружје. Во тој период се намалува извозот на оружје кон Европа, а се зголемуваат количествата на вооружување во Латинска Америка, каде што е сè поголем бројот на државни удари и внатрешни судири.

Во наведениот период, извозот на американското оружје кон земјите на Блискиот Исток, во однос на една деценија претходно, е зголемен за 3,5 пати. На листата на земјите кои купуваат американско вооружување, се најдоа, исто така и Кувајт, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Оман.

- Пратки за Иран сè до Исламската револуција -

Во текот на 1980-тите години, во значајна мера е зголемен и бројот на африканските земји кои купувале американско оружје, а САД во тој период најмногу пратки праќаа на земјите на азиско-пацифичкиот регион.

Сè до Исламската револуција во Иран, САД во оваа земја продаваа големи количества на вооружување, а потоа испораката на оружје во Иран беше потполно запрена.

По распаѓањето на Советскиот Сојуз, во последната деценија на 20 век, САД големи количества на вооружување продадоа на Источна Европа и на новонастанатите држави на Балканот.

Во тој период од САД сè повеќе вооружување купуваат земјите како Египет, Израел, Ирак, Саудиска Арабија. Јапонија, исто така е меѓу земјите кои во овој период увезуваат големо количество на вооружување од САД.

- Зголемување на извозот кон Блискиот Исток и Африка -

Во податоците на Меѓународниот институт за истражување на мир, се наведува дека САД од 2000 година го зголемуваат извозот на оружје кон Израел, Ирак и Авганистан, но и кон земјите на африканскиот континент. Исто така, значителни количества оружје купува и Јужна Кореја, која во овој период ги заладува односите со другиот дел на полустровот, Северна Кореја.

Во последните 10 години, САД најмногу оружје извезуваат во азиско-пацифичкиот регион и кон Блискиот Исток. Сè поголеми пратки оружје се праќаат во Украина и во земјите на Балканот.

Сеопфатно, во последните 40 години, Саудиска Арабија и Јапонија купија најмногу американско оружје. По нив следуваат Австралија, Обединетите Арапски Емирати и Јужна Кореја.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın