Mohammad Sıo
28 Март 2025•Ажурирај: 28 Март 2025
Најмалку уште 24 Палестинци се убиени во новите израелски воздушни напади во Појасот Газа, соопштија медицински претставници, јавува Анадолу.
Израелските воени авиони извршија напад врз куќа во населбата Ал-Сафтави, во северниот дел на градот Газа, во којшто убиени се седум лица, изјавија медицински извори.
Уште еден Палестинец е убиен во друг воздушен напад чија цел бил дом во близина на Универзитетот Ал-Кудс во градот Газа, додадоа изворите.
Друг медицински извор рече дека уште две лица, од кои едно лице со посебни потреби, се убиени од оган на израелската Армија во јужниот дел на градот Газа.
Уште седум Палестинци се убиени, а двајца се повредени во друг напад врз дом во северниот град Беит Лахија, додаде изворот.
Во центарот на градот Газа, четворица Палестинци се убиени, а неколкумина се ранети во израелски воздушен напад чија цел бил собир на цивили на улицата Ал-Нафак, изјави медицински извор.
Убиено е и едно палестинско дете, а членовите на неговото семејство се повредени во израелското гранатирање на нивниот дом во јужниот град Кан Јунис.
Израелските борбени авиони, исто така, гранатираа шатор во кој беа сместени раселени лица, при што убиено е едно лице, а повредени се неколкумина други во Ал-Маваси во Кан Јунис.
Медицински претставници рекоа дека портпаролот на Хамас, Абдел-Латиф ал-Кануа, е убиен во израелски воздушен напад во северниот град Џабалија рано утрово.
Двајца Палестинци, исто така, се повредени во два одделни напади во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, додека еден цивил е ранет кога израелско беспилотно летало отворило оган во близина на Тибет ал-Нуваири, западно од бегалскиот камп Нусејрат во централна Газа.
Дополнително, во израелски воздушен напад нишанет е објект на палестинската полициска морнарица западно од кампот Нусејрат, но сè уште нема информации за повредени.
Силите на израелската војска, исто така, ги гранатираа источните области на градот Газа и Кан Јунис, бегалските кампови Бурејџ и Нусејрат во централна Газа и Беит Ханун и Беит Лахија во северниот дел на енклавата, изјавија очевидци.
Израелската војска ненадејно ја продолжи воздушната кампања врз Појасот Газа на 18 март, откога убиени се 855 Палестинци, а повредени се речиси 1.900, со што е прекршен договорот за прекин на огнот и размена на заробеници меѓу Израел и палестинската група Хамас што стапи на сила во јануари.
Обединетите нации проценуваат дека околу 124.000 Палестинци се повторно раселени откако Израел продолжи со нападите врз Газа.
Над 50.200 Палестинци се убиени, главно жени и деца, а над 113.900 се повредени во бруталната израелска воена офанзива врз Газа од октомври 2023 година.
Меѓународниот кривичен суд во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.