Bahtiyar Abdülkerimov,Nazir Aliyev Tayfur
02 Мај 2021•Ажурирај: 03 Мај 2021
ТАШКЕНТ (АА) - Најмалку 49 лица загинаа во судирите долж спорниот дел од границата помеѓу Киргистан и Таџикистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Киргистанското Министерство за здравство соопшти дека бројот на киргистански граѓани кои загинале во вооружениот судир во киргистанскиот регион Баткен се искачил на 34, со 173 повредени лица.
Според јавувањата на медиумите, бројот на Таџикистанци кои ги загубиле своите животи во судирот достигнал 15, од кои седум биле војници.
Таџикистанските медиуми претходно објавија дека во судирот повредени се речиси 90 Таџикистанци.
Насилството што започна во средата помеѓу Таџикистан и Киргистан е поради контролата врз локалната мрежа на дистрибуција на вода, објавија во четвртокот киргистанските медиуми.
Таџикистанските власти поставија опрема за надзор во Центарот за дистрибуција на вода „Головној“, за кој Киргистан вели дека се наоѓа во подрачје чиј суверенитетот допрва треба да се дефинира, според веб-страницата на Радио Слободна Европа.
Судирите избија со интервенирањето на граничните трупи од двете земји, бидејќи во подрачјето беа испратени војници со оклопни возила од обете страни.
Тензиите за контрола врз водоснабдувањето продолжија и во четвртокот, со тоа што жителите фрлаа камења едни на други.