свет

Најмалку 28 загинати, речиси 80 повредени откако кран падна врз воз во Тајланд

Кранот се користел за изградба на мост за брза железница, а ударот од неговиот пад ги исфрлил од шините вагоните на возот по што избувнал пожар

Islam Uddin, Riyaz Khaliq Khaliq  | 14.01.2026 - Обновена : 14.01.2026
Најмалку 28 загинати, речиси 80 повредени откако кран падна врз воз во Тајланд

ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 28 лица загинаа, а речиси 80 се повредени денес откако градежен кран падна врз патнички воз во Североисточен Тајланд, според „Тај Енквајрер“, пренесува Анадолу.

Несреќата се случи во округот Сикио во покраината Након Ратчасима кога специјалниот експресен воз број 21, кој сообраќал од главниот град Бангкок до покраината Убон Ратчатани, минувал низ областа во момент кога голем градежен кран паднал врз еден од неговите вагони.

Возот превезувал околу 195 патници и персонал.

Кранот се користел за изградба на мост за брза железница, а ударот од неговиот пад ги исфрлил од шините вагоните на возот по што избувнал пожар.

Спасувачките екипи пристигнаа на местото на настанот и започнаа спасувачка операција, а десетици повредени лица се пренесени во блиските болници.

Кина изрази сочувство до Тајланд за смртоносниот инцидент, објави пекиншкиот весник „Глобал тајмс“.

Прашана за инцидентот што се случи на проектот за железницата што ќе ја поврзува Кина со Тајланд, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, рече дека Пекинг ѝ придава големо значење на безбедноста на проектите и на персоналот и дека во моментов ги разгледуваат деталите.

Таа додаде дека тајландска компанија работи на изградбата на тој дел од проектот, а причината за инцидентот сè уште е под истрага.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın