СКОПЈЕ (АА) – Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија денес ги повика македонските граѓани што се наоѓаат во Иран да ја напуштат таа земја, пренесува Анадолу.
Во соопштението на Министерството се вели дека поради „влошената безбедносна состојба во Исламска Република Иран, Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија апелира до македонските граѓани што се наоѓаат на територијата на оваа држава, да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика“.
Оттаму истовремено се апелира да се одложат сите патувања кон Иран кои не се неопходни.
Министерството посочи дека ги има ставено на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон, електронската пошта, како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Анкара.
Иран е зафатен од бран протести од минатиот месец, почнувајќи од 28 декември во Техеран, поради наглото намалување на вредноста на иранскиот ријал и влошувањето на економските услови. Подоцна демонстрациите се проширија во неколку други градови.
Нема официјални бројки за жртвите во протестите, но според новинската агенција за човекови права ХРАНА со седиште во САД, билансот на жртви во протестите се искачил на 646, а над 10.700 лица се приведени во 16 дена од националните протести во земјата.
