Saadet Gökce
04 Март 2025•Ажурирај: 05 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Околу 2.000 пожарникари од воздух и земја се борат со најголемиот шумски пожар во Јапонија во последните 50 години, што зафати 2.600 хектари во префектурата Ивате, јавуваат локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Пожарот, кој веќе шест дена гори во градот Офунато, досега однесе еден живот и принуди речиси 4.000 луѓе да ги напуштат своите домови, од вкупно 4.600 лица на кои властите им препорачаа евакуација, објави весникот „Џапан тајмс“.
Според податоците, пожарот зафати површина седум пати поголема од њујоршкиот Централ Парк и е најразорниот од 1975 година, при што во областа Куширо во регионот Хокаидо изгореа 2.700 хектари.
Градските власти соопштија дека нема голема опасност огнот да стигне до погусто населените урбани подрачја, додавајќи дека се преземаат максимални напори за негово гаснење.
Регионот оваа сезона забележа рекордно ниски врнежи, а минатото лето беше најжешкото во историјата на Јапонија, што дополнително ги влоши условите за проширување на пожарот.
Досега се оштетени најмалку 80 објекти, а во четвртокот беше пронајдено тело за кое се верува дека е на маж, потврдија локалните власти.