Atila Altuntaş
21 Март 2019•Ажурирај: 22 Март 2019
СТОКХОЛМ (АА) - Најголемата норвешка онлајн книжарница „Адлибрис“ („Adlibris“) ја продавала книгата „2083: Европска декларација на независност“, а станува збор за расистички манифест на норвешкиот осуден убиец Андреас Брејвик, кој е осуден на 21 година затвор, пренесува Anadolu Agency (AA).
Норвешката државна телевизија НРК објави дека книгата „2083: Европска декларација на независност“, која содржи и некои текстови на Брејвик, е испечатена и продавана преку онлајн книжарницата „Адлибрис“.
Откако е разоткриен овој скандал, директорот на споменатата онлајн книжарница, Сакари Луовио, за НРК изјави дека е страшен фактот тоа што оваа книга се нашла во продажба. Тој додаде дека Манифестот на Брејвик итно е повлечен од продажба.
„Кога дознавме дека споменатата книга се продава преку нашата онлајн книжарница, итно интервениравме. Средствата собрани од продажбата на книгата ќе ги подариме на некоја хуманитарна организација“, изјави Луовио.
Тој потсети дека книгите во продажба се пуштаат преку различни интернет-страници.
„Имаме повеќе од 15 милиони корисници и тие можат да ги додадат своите книги кои сакаат да ги продадат. Многу е тешко да се контролира секоја книга на нашата онлајн книжарница, а во служај на жалба за некоја книга, ја отстрануваме од продажба“, изјави Луовио.
Тој исто така додаде дека не може да гарантира дека таа книга повеќе нема да се најде во продажба, и како што изјави, моментално не постои систем кој би можел да го блокира пуштањето во продажба на книга со спорна содржина.
Брејвик, на 22 јули 2011 година со домашно изработена бомба уби 8 лица пред Кабинетот на премиерот во Осло, а потоа застрела 69 лица на блискиот остров Уто каде што се одржуваше летен камп на млади. Тоа беше најголем масовен масакр во поновата историја на Норвешка.
Брејвик, кој пред судот изјави дека се кае бидејќи не убил повеќе лица, е осуден на казна затвор од 21 година.
Таа казна, според Законот на Норвешка, може да се продолжи доколку се процени дека затвореникот е опасен за општеството, па правните експерти веруваат дека Брејвик ќе биде во затвор до крајот на животот.