Faruk Zorlu
02 Февруари 2020•Ажурирај: 04 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Агенција Анадолија објави книга на два јазика за турската експедиција на Антарктикот.
Објавена на турски и на англиски јазик, книгата насловена „Патувањето на Турција на Белиот Континент: Антарктички експедиции“ - говори во детали за турските експедиции на Антарктикот, за работата што ја спроведуваат турските тимови и целите на земјата во врска со континентот.
Книгата, која го опфаќа формирањето на Турската метеоролошка станица за набљудување и активностите на тимот научници на Антарктикот, веќе е во продажба во книжарниците и преку интернет.
Во книгата е вклучено и нуркањето на меѓународно познатата нуркачка Шахика Ерџумен од Турција во Јужниот Океан.
Во врска со книгата, турскиот министер за индустрија, Мустафа Варанк, за Агенција Анадолија изјави дека таа им овозможува на идните генерации да слушнат за импресиите на научниците, за нивната работа за време на експедициите и за секојдневниот живот, како и да видат низа фотографии од Антарктикот.
„Книгата ќе го привлече вниманието не само на ентузијастите за оваа тема, туку и на сите читатели кои се стремат кон откривање на непознатото“, додаде Варанк.
„Книгата содржи впечатоци и од дописниците на Агенција Анадолија (АА) кои претстојуваа на континентот, и фотографии направени за време на 3. Турска експедиција на Антарктикот“, истакна претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Агенција Анадолија, Шенол Казанџи.
Во февруари 2019 година, турски тим отпатува за Антарктикот како дел од 3. Турска научна експедиција на Антарктикот, каде што престојуваше 30 дена. Експедицијата беше поддржана од турското Претседателство, Министерството за индустрија и технологија и Поларниот истражувачки центар при Истанбулскиот технички универзитет, заедно со други турски универзитети.
За време на експедицијата, Агенција Анадолија со тројца новинари, известуваше за научните активности на експедицијата на Антарктикот.
Во април 2016 година, првиот турски тим истражувачи, кој се состоеше од лекари, ботаничари, геолози и океанографи од седум универзитети, отпатува за Антарктикот за да го проучува влијанието на климатските промени.
Најстудениот континент на Земјата служи како зона за научни истражувања од потпишувањето на спогодбата во 1959 година.