Beril Çanakcı
05 Август 2025•Ажурирај: 06 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Вршителот на должноста шеф на американската вселенска агенција НАСА оваа недела треба да објави план за изградба на нуклеарен реактор на површината на Месечината до 2030 година, во обид да ја зголеми доминацијата на САД во вселената, во услови на растечка конкуренција од Кина и Русија, пренесува Анадолу.
Според интерни документи кои ги доби „Политико“, агенцијата ќе повика приватни компании да поднесат предлози за развој на реактор од 100 киловати, кој ќе може да обезбеди енергија за долгорочни мисии на Месечината, вклучувајќи и идни мисии со екипаж.
„Станува збор за победа во втората вселенска трка“, изјавил еден висок претставник на НАСА за „Политико“, под услов за анонимност.
Агенцијата добила наредба во рок од 60 дена да назначи лидер на проектот и да започне консултации со индустријата, со цел реакторот да биде лансиран до 2030 година – период во кој и Кина планира да го испрати својот прв астронаут на Месечината.
Претходно, НАСА финансираше истражување на помал систем со моќност од 40 киловати, но новиот план е значително поамбициозен. Документите исто така предупредуваат дека првата земја која ќе постави реактор на Месечината може да прогласи ексклузивни зони, што би можело да го ограничи пристапот за другите држави.
Оваа најава доаѓа во време кога предложениот буџет за НАСА од страна на администрацијата на Доналд Трамп е значително намален – од 24,8 милијарди на 18,8 милијарди долари, што подига прашања околу финансирањето на овој скап проект и какви последици ќе има врз традиционалните научни истражувања во вселената.