Aida Cako
05 Август 2025•Ажурирај: 06 Август 2025
СКОПЈЕ (АА) - Секоја недела, на својот единствен слободен ден, 27-годишниот уметник аматер Омар Мбау ги претвора песочните плажи на Дакар во вистински уметнички галерии на отворено, создавајќи импресивни скулптури од песок што ги запираат случајните минувачи, јавува Анадолу.
Од 2019 година, Мбау има изработено десетици детални скулптури – од китови и крокодили, до птици и митски суштества – користејќи само песок, своите раце и неколку едноставни алатки.
Често работи на горештини што достигнуваат до 40 степени Целзиусови, посветувајќи по три до четири часа на секое дело.
Мбау вели дека не го прави ова за финансиска добивка, туку затоа што му носат внатрешно задоволство и радост реакциите на народот.
Шест дена во неделата работи како кројач, а неделите ги посветува на вајање со песок.
Без формално образование во уметноста, истакнува дека ваквата уметност сè уште е слабо позната во Сенегал, па често ги изненадува минувачите со своите уникатни скулптури.
Иако е самоук, тој вели дека се надева дека еден ден ќе добие професионална поддршка и можност да ја претстави неговата работа на национално и меѓународно ниво.
Според УНЕСКО, креативните и културните индустрии придонесуваат со околу 1,5 % од БДП на Африка и вработуваат над 5 милиони луѓе низ континентот.
Во Сенегал, според Националната агенција за занаетчии (ANA), околу 260.000 луѓе работат во занаетчискиот сектор, главно во традиционални области како дрворезба, керамика, батик и метална обработка. Повеќе од 80 % од овие работници функционираат во неформалната економија.
Експертите нагласуваат дека вложувањето во креативниот сектор може да ја зајакне вработеноста и да придонесе за зачувување на културното наследство во регионот.