Повеќе од 7.000 случаи на вирусот чикунгуња во јужна Кина, прв случај и во Хонгконг по шест години
- Бројот на случаи на вирусната болест чикунгуња, која се пренесува преку комарци, во јужна Кина надмина 7.000, јавуваат локалните медиуми

ИСТАНБУЛ (АА) - Бројот на случаи на вирусната болест чикунгуња, која се пренесува преку комарци, во јужна Кина надмина 7.000, јавуваат локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Според државниот весник „Чајна дејли“, најголем број од случаите се регистрирани во градот Фошан, во провинцијата Гуангдонг, заклучно со вчерашниот ден.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) во петокот издаде предупредување за патувањата од ниво 2, поради ширењето на вирусот.
Како последица на ситуацијата, во саботата во Хонгконг беше потврден првиот увезен случај на чикунгуња во изминатите шест години, соопшти Специјалниот административен регион на Хонгконг.
Се верува дека пациентот ја добил инфекцијата при патување во Фошан.
Чикунгуња е вирус кој се пренесува на луѓето преку убод од инфициран комарец. Најчести симптоми се висока температура и болки во зглобовите, според податоците на ЦДЦ.
Иако вирусот ретко завршува фатално, новороденчињата, постарите лица и лицата со ослабен имунолошки систем се изложени на поголем ризик.