Afra Aksoy
02 Август 2019•Ажурирај: 02 Август 2019
ЕБЈЕН
Во подрачјето на Ебјен, во јужниот дел на Јемен, извршен е напад врз воени позиции и штаб на силите поддржани од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Во нападот животот го загубија 17 војници, а повеќе од 10 се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите добиени од безбедносни извори, милитантите на Енсар еш Шерија, огранок на терористичката организација Ал Каеда на Арапскиот Полуостров, во подрачјето на Ел Махфад во Ебјен извршиле напад врз штабот и некои воени точки на единиците на Хизам ел Емни, кои се поддржани од ОАЕ.
Во нападот загинаа 17 припадници на Хизам ел Емни, а повеќе од 10 лица се ранети.
Единиците на Хизам ел Емни по организираниот противудар, по неколку часа повторно воспоставија контрола врз штабот и воените точки. Се вели дека во судирите што настанале има жртви и од страна на милитантите на Енсар еш Шерија.
- Напади во кои цел е Аден
Во јужниот дел на Јемен се наоѓа Аден, кој е привремен главен град на оваа држава. Вчера беа изведени два бомбашки напади во кои загинаа 49 лица. Прво, во утринските часови со возило бомба беше нападната полициската станица во градот Шех Осман, во подрачјето на Аден. Во овој напад загинаа 13 лица. Приближно еден час по овој напад, Хусите извршија двоен напад врз штабот на Ел Џела во Аден во период кога на организирана воена парада минувале силите на Хизам ел Емни. Во овој напад загинаа 36 лица.
Од септември 2014 година, Хусите ја контролираат Сана, главниот град на Јемен, и некои региони. Коалициските сили предводени од Саудиска Арабија, од март 2015 година ѝ даваат воздушна поддршка на јеменската Влада во борбата против Хусите, а спроведените воздушни операции предизвикуваат масовни убиства на цивилите.