Zehra Ulucak
25 Август 2017•Ажурирај: 26 Август 2017
ЈАНГОН (АА) - Во нападите врз полицијата и врз граничните полициски станици во Мјанмар, животот го загубија 71 лице, јавува Anadolu Agency (AA).
Кабинетот на министерот за надворешни работи на Мјанмар и одговорен министер во Владата, Аунг Сан Суу Чии, издаде соопштение во коешто се вели дека во нападот врз полициските станици животот го загубиле 12 претставници на безбедносните сили и 59 напаѓачи.
Одговорноста за нападот преку социјалната мрежа ја презеде групата именувана како Ослободителна армија на Рохинга Аракан (ARSA).
Во соопштението на локалната полиција се вели дека е извршен истовремен напад на повеќе од 20 полициски станици.
Интересен е фактот што соопштението од кабинетот на Суу Чии е објавено во исто време со објавата на извештајот за Аракан, кој беше подготвен од комисија предводена од поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан.
По нападите што во октомври минатата година беа извршени врз полициски контролни точки во државата Аракан, кога животот го загубија 9 полицајци, армијата на Мјанмар започна операции во коишто малцинското муслиманско население стана жртва на голем бран насилства. Поради операциите на мјанмарската војска, повеќе од 90.000 аракански муслимани беа принудени да ја напуштат земјата.
Претставниците на малцинството Рохинга соопштуваат дека од започнувањето на операциите досега, животот го загубиле најмалку 400 лица.
Со цел да ги обелодени случувањата во подрачјето, ОН формираше сопствена комисија којашто ќе ја истражи ситуацијата на теренот, но Владата на Мјанмар го спречи пристапот на членовите на комисијата до местото на случувањата. Вчера на јавноста ѝ беше претставен извештајот со препораки до мјанмарската Влада, подготвен од Советодавна комисија за Аракан, предводена од Кофи Анан, формирана со поддршка на Суу Чии.