Selen Temizer,Abdullah Aşıran
25 Август 2017•Ажурирај: 26 Август 2017
ХАГ / АНКАРА (АА) - Документите што Anadolu Agency (AA) ги подготви, со изјави на сведоците, фотографии и видео-материјали за масакрот на режимот на Башар Ал Асад при нападот со хемиско оружје во подрачјето на Хан Шејхун, беа предадени на Независната меѓународна истражувачка комисија за Сирија, Организација за забрана на хемиското оружје (OPCW) и до соодветните органи во Обединетите нации во САД, сега се предадени и до Меѓународниот кривичен суд, јавува Anadolu Agency (AA).
АА подготви документација за нападот со хемиско оружје на 4 април годинава, извршен од страна на режимот на Асад во Хан Шејхун, при што животот го загубија најмалку 100 цивили.
До Меѓународниот кривичен суд во Хаг, Холандија, предаден е документот на 292 страници, кој ја содржи веста подготвена од страна на новинарите на АА кои пристигнаа во Хан Шејхун ден по масакрот, додека сѐ уште се чувствувало дејството на гасот. Документот содржи изјави од сведоците на настанот, видеорепортажи од местото на настанот, фотографии и видео-материјали.
Покрај документите, до Меѓународниот кривичен суд поднесени се и електронски копии на видео-материјалите.
На 22 април, преку новинарот на АА во Швајцарија, беше предадена по една копија од документот на Независната меѓународна истражувачка комисија за Сирија во Женева и на Организација за забрана на хемиско оружје, со седиште во Хаг.
Уште една копија на 5 јули им беше предадена на соодветните органи на Обединетите нации во Њујорк.
Ден по масакрот во Хан Шејхун, екипите на АА беа во населените места каде што беше извршен нападот со хемиско оружје, изработувајќи снимки од местото на нападот, репортажа со сведоците на настанот и со членовите на спасувачките екипи.
- Хемиското оружје на режимот
Во граѓанската војна што речиси 7 години се води во Сирија, режимот на Асад за првпат употреби хемиско оружје на 21 август 2013 година, во подрачјето на Источна Гута, во Дамаск. Во нападот загинаа повеќе од 1.400 цивили.
По договорот што го постигнаа САД и Русија, Организација за забрана на хемиското оружје (OPCW) започна со активностите за уништување на резервите на хемиско оружје на режимот. Резервите што ги уништи ОПЦВ беа ограничени на она што го пријави режимот на Асад.
Според извештајот на Сириската мрежа за човекови права (СНХР), режимот на Асад по масакрот во Источна Гута, во период од 4 години, уште најмалку 174 пати употребил хемиско оружје во своите напади во различни делови од Сирија, вбројувајќи го и масакрот во Хан Шејхун, кој е најголем од сите.