Recep Şakar
12 Ноември 2017•Ажурирај: 13 Ноември 2017
МЕЛБУРН (АА) - Првата средба на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп и претседателот на Филипините, Родриго Дутерте во Виетнам, беше опишана како топла и блиска средба, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што јавуваат локалните медиуми, Трамп и Дутерте за првпат се сретнаа на маргините на Самитот на Азиско-пацифичка економска соработка (APEC) во Виетнам.
Фотографијата од кратката средба ја подели секретарот на Дутерте, Кристофер Го.
На фотографијата се гледа како Трамп и Дутерте разговараат, а во непосредна близина се наоѓа премиерот на Австралија, Малколм Трнбул.
Портпаролот на Дутерте, Хари Роке, истакна дека лидерите изразиле задоволство поради можноста да се запознаат.
„Тоа беше кратка, но топла и блиска средба“, рече Роке.
Се очекува двајцата претседатели да се сретнат за време на Самитот на Организацијата на земјите од Југоисточна Азија (ASEAN), кој почнува денеска во Манила, главниот град на Филипините.
Токму оваа средба предизвикува голем интерес кај јавноста. Имено, односите меѓу Филипините и САД се влошија поради екстремната борба на Дутерте против дрогата во земјата. САД ја прекинаа продажбата на оружје на Филипините поради наводите дека во таа борба се кршат човековите права.